Додека нaјголемите политички партии ги договорија роковите за одржување на парламентарните избори, потребните подготовки за изборниот процес течат со некомплетиран состав на Државната изборна комисија. Дилемата што се отвори е дали испразнетото место во ДИК ќе го задржи Алијанса на Албанците, која засега е во власта или ќе и припадне на албанската опозиција од Европскиот сојуз за промени?
Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши бараат на албанскиот опозициски блок да му припадне испразнетото столче во Државната изборна комисија (ДИК), додека Алијанса за Албанците, која засега е дел од власта, смета дека тие треба да го задржат местото во согласност со изборните резултати.
Аналитичарот Владимир Божиновски, за весникот ВЕЧЕР изјави дека се надева оти изборот на член на Изборната комисија нема да биде нов политички проблем и дека местото во Државната изборна комисија, според закон, ѝ припаѓа на албанската опозиција. Тоа е клучно, вели Божиновски и дополнува дека не гледа зошто би се политизирало тоа прашање.
– Генерално членови на ДИК треба да бидат од власта и од опозицијата претставена во парламент, така што, сега-засега, од она што е претставено во парламентот, во ДИК нема претставник од опозицијата кај етничките албански партии –двата члена се од ДУИ и од Алијанса кои се во власт, не гледам зашто тука би имало причина повторно да се прави политичка тензија зашто треба да си добијат и тие свој член. Нормално дека е значајно ова прашање со оглед дека претставниците на ДИК го набљудуваат изборниот процес и тие се на некој начин оние што ја потврдуваат кредибилноста на целиот процес, тоа е клучно зошто така се избираат претставниците на ДИК, не гледам зошто би се политизирало тоа прашање, нема аргументи зошто да не се направи барем јас не сум слушнал аргументи, вели аналитичарот Владимир Божиновски.
Прашањето за пополнување на ДИК се најде на дневен ред и на лидерската средба во Собранието, но спикерот Талат Џафери тогаш си замина од состанокот, а потоа и Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, кои ја предводат албанската опозиција, излегоа од лидерската средба бидејќи не се реши тоа прашање.
Европскиот сојуз за промени инсистира на албанскиот опозициски блок да му припадне испразнетото столче во Државната изборна комисија.
– Од исклучителна важност е сега да се комплетира составот на Државната изборна комисија, на што ќе инсистираме и нема да се откажеме по ниту една цена“, велат од Европскиот сојуз за промени.
Пратениците во Собранието треба да изберат член на ДИК откако беше испразнето местото на Кренар Лога, кој беше избран за министер за правда.
M.C.