Еден од најконтроверзните тенисери на денешницата Ник Кирјос, го најави својот кам-бек на терените. Последен пат Австралиецот играше минатиот јуни во Штутгарт, потоа имаше операција на зглобот и долга пауза.

Сепак, Кирјос најави дека е време за враќање, а неговите амбиции се поголеми од било кога. Тој нагласи дека главна цел му е да освои трофеј на еден од четирите грен слем турнири со цел да ги замолкне критичарите.

„Се враќам бидејќи нешто ме држи во овој спорт. Победив против речиси секој ривал, играв финале на грен слем, а освоив и трофеј во двојки, бројни титули… Сега главната цел ми е да освојам грен слем трофеј во сингл конкуренција. Тоа ќе биде единствената работа која ќе ги замолкне критичарите, ме мотивира тоа.

Далеку од тоа дека завршив, влегов во финишот на кариерата, но имам уште година, две… Се чувствувам одлично, тренирам редовно и добро заздравев по операцијата“, изјави Кирјос.

Кирјос во својата кариера беше попознат по тоа што немаше „влакна на јазикот“, отколку по спортските резултати. Најголем успех му беше освоениот грен слем трофеј во двојки, а играше и едно финале на Вимблдон против Новак Ѓоковиќ.