Подготвен специјален третман за “Пиратот од Карибите”: Џони Деп ќе снима филм во Белград

103

Познатиот холивудски актер Џони Деп, ѕвездата на филмовите “Пирати од Карибите”, “Убиство во Ориент експрес” и “Фантастичните ѕвери” треба да пристигне во Белград до крајот на јануари, каде што ќе продолжи со снимање на филмот “Минамата”, кој зборува за славниот воен фотограф Јуџина Смит. Во српската престолнина актерот ќе престојува неколку недели, а неговиот агент минатиот месец бил во Белград за да ги договори последните детали со српскиот дел од екипата околу снимањето на филмот и неговиот престој во градот.

Инаку, ова не е прво доаѓање на Деп во Белград, па организаторите точно знаат што треба да преземат. Актерот е познат по тоа што е многу професионален во својата работа и не сака ништо да му пречи во работата, затоа веќе се подготвуваат посебни безбедносни мерки за да може актерот непречено да снима. Како што пренесува српскиот “Блиц”, договорено е актерот со најблиските соработници да биде сместен во еден од луксузните хотели во центарот на градот, каде што ќе биде целосно загарантирана неговата приватност.

Исто така, Деп секојдневно ќе има приватно обезбедување, кое ќе го следи во случај да му е потребна заштита од папараците, но и да не биде попречуван на сетот. Локациите на кои ќе биде сниман филмот се договорени и веќе е смислен и план за нивно обезбедување, а на случајните минувачи нема да им биде дозволен пристап.

Инаку, славниот актер го започна снимањетона филмот во Јапонија, а покрај Белград дел од сцените ќе бидат снимани и во Црна гора, поточно во Тиват.

Филмот се занимава со животната приказна на легендарниот фотограф кој го разоткрил труењето на жителите на градот Минамата со жива, предизвикано од испуштање на тешки метали од хемиската фабрика “Чисо”.