Досега не се прифатени четири амандмани, од кои еден од СДСМ и три амандмани поднесени од пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија. Амандманот на СДСМ се однесуваше на зголемување на платите во администрацијата за што се бараа 3,5 милијарди денари, а со еден амандман, поднесен од Сали Мурати, се бараше измена на одлуката за патни трошоци за пратениците, односно таа да се однесува и на другите активности што ги имаат пратениците како присуство на семинари… Еден од неговите амандмани се однесуваше и на статусот на асистентите кои работат во регионалните канцеларии на пратениците. Пратениците ќе треба да се произнесат по вкупно 307 амандмани од кои 204 се на опозициската СДСМ.
Љупчо Николовски од СДСМ истакна дека вкупниот буџет за земјоделство, шумарство, лов и риболов за 2025 година е намален за 15 отсто што негативно ќе влијае на производството на храна и приходите на земјоделците.
Подетално, како што рече, за 10 пати е скратена сумата предвидена за Програмата за рурален развој. Со тоа, според него, директно се крати на поддршката за инвестиции во земјоделска механизација, набавка на добиток, модернизација на земјоделски објекти, промоција на македонските производи, инвестиции во општините.
Според него, земјоделството е еден од двигателите на нашата економија. Кризите со кои се соочивме изминатите години, покажаа колку е важно да имаме домашна храна и затоа овој сектор заслужува посебен фокус. Затоа, како што појасни, СДСМ со амандмански предлози и законски решенија ќе ги брани интересите на земјоделците.
-Со дел од амандманите предвидуваме 700.000.000 денари за поддршка на младите земјоделци и зголемување на поддршката за Програмата за рурален развој. Како одговорна партија која вистински го цени трудот на земјоделците, во парламентарната расправа ќе се бориме за повисока финансиска поддршка за земјоделците и повисоки откупни цени, ќе нудиме предлози кои се применуваа и изминатите 7 години, а кои треба да бидат пример како една влада треба да се грижи за земјоделците и да биде рамо до рамо со нив“, напомена Николовски.
Капиталните расходи во новата буџетска 2025 ќе изнесуваат околу 820 милиони евра од кои 248 милиони евра се наменети за Министерството за транспорт и врски. Од овие пари повеќе од половина или 130 милиони се наменети за патна инфраструктура.
Министерството за одбрана, пак, следната година за капитални инвестиции ќе има на располагање 140 милиони евра со намена за модернизација на одбраната, изградба и реконструкција на објекти и интеграција во НАТО.
Во 2025 година ставката за капитални расходи на Министерство за финансии – функции на држава ќе изнесува 93,6 милиони евра од кои 45,6 милиони евра е сума наменета за инфраструктурни проекти за општините кои аплицираа за парите од унгарскиот кредит.
Министерството за образование следната година за капитални инвестиции ќе има на располагање 25,9 милиони евра.
Министерството за животна средина следната година следната година ќе добие само 8 милиони евра а новото Министерство за спорт, за спортски објекти и за инфраструктурни проекти во општините, добива 6,2 милиони евра.
За Министерството за земјоделство предвидени се 5,1 милион евра за капитални инвестиции, односно за хидросистеми и програми за наводнување.
Министерството за здравство ќе добие 4,3 милиони евра за капитални инвестиции од кои за болницата во Кичево предвидени се 244.000 евра а за новиот Клинички центар Скопје и клиничкиот центар во Штип 366.000 евра.
За реконструкција и опремување на објекти за детска заштита и за домови за стари лица државата ќе одвои ситни 2,5 милиони евра преку Министерството за социјална политика и демографија, додека новото Министерство за енергетика за капитални расходи добива 1,7 милиони евра за гасификација.
Расправата за Предлог-буџетот за следната година во собраниската Комисија за финансирање и буџет трае вкупно 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до крајот на годината.