Повторно се вклучи алармот во „Ист гејт“ – пожар го испразни трговскиот!

1216

Пожарот што избувна утринава, во трговскиот центар „Ист гејт“, ги вознемири присутните во него. Се активираа и алармите и беше извршена евакуација. Но, благодарение на брзата интервенција на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, тој беше брзо изгаснат.

Командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Ѕвонко Томевски, информираше дека пожарот избувнал на вентилацискиот канал, во делот каде што се рестораните.

– Во гаснењето на пожарот интервенираа пет противпожарни возила и 15-мина пожарникари. Пожарот е изгаснат и повеќе нема опасност, но сè уште се работи на расчистување – изјави Томевски.

Експресно се огласија и од трговскиот центар „Ист гејт мол“, од каде што објаснија дека согласно со утврдените процедури на трговскиот центар за ваков тип ситуации, биле активирани системите за заштита од пожар и биле евакуирани вработените во трговскиот центар.

– Како резултат на навремената реакција на службите, нема повредени лица, ниту е причинета голема материјална штета. Настанот се случи во време кога трговскиот центар сѐ уште не е оперативен и нема посетители. Во моментов, се врши увид за причините од страна на надлежните органи – се наведува во вчерашното соопштение од „Ист гејт“.

Оттаму додадоа дека по завршување на увидот, трговскиот центар ќе продолжи со работа со редовното работно време.

Ова не е прв пат од отворањето на овој трговски центар на 29 октомври 2021 година да се случуваат несакани настани и инциденти, меѓу кои и мафијашки престрелки.

Поради силното невреме проследено со дожд, кое го зафати главниот град на 30.8.2022 година, беа поплавени сутеренот и гаражниот простор на „Ист гејт“. Минатата година, пак, на 25 август, имаше пукање во подземните гаражи на овој трговски центар. Цел беше Раде Трајковски, кој не беше повреден од куршумите, но затоа, по само два месеца, повторно имаше пукање во овој трговски центар, при што беше ранет тој, заедно со уште едно лице. Исто така, на 25 ноември 2023 година, алармите во трговскиот центар „Ист гејт“ предупредија на пожар. Во подземните гаражи беше опожарено возило, кое беше изгаснато од обезбедувањето.

(А.П.)