Повеќе од 100 повредени во судири меѓу Палестинците и полицијата во Ерусалим

34

Повеќе од 100 лица синоќа се повредени во Ерусалим во судири меѓу израелските полициски сили и палестинските демонстранти, соопштија утрово медицински и полициски извори.

Палестинскиот Црвен крст пријави најмалку 105 повредени, од кои околу 20 се пренесени во болница, додека полицијата соопшти дека во своите редови има 20 ранети и оти при судирите биле приведени 44 лица.

Израелската полиција синоќа се судри со Палестинците пред Стариот град Ерусалим, каде подигнаа барикади за да спречат стотици еврејски екстремисти да влезат во областа.

Судирите избувнаа кога стотици припадници на израелските безбедносни сили беа мобилизирани за да го запрат маршот на крајнодесничарското еврејско движење Лахава.

Младите Палестинци организираа контра-демонстрации за да се спротивстават на маршот, а инцидентите избувнаа на влезот во Стариот град, во источниот дел на Ерусалим, палестински сектор окупиран и припоен кон Израел, каде полицијата забрани пристап до областите што обично масовно се посетени за време на Рамазан.

Израелската полиција синоќа соопшти дека ги одобрува демонстрациите во име на слободата на изразување, но оти ќе дејствува против каква било форма на насилство и додаде дека сака да се избегнат конфликти.

Тензиите се посилни од вообичаено во градот каде има свети места за Евреите, христијани и муслимани и каде долго време беше жариштето на израелско-палестинското насилство.

Полицијата се судира со Палестинците секоја вечер од почетокот на светиот муслимански месец Рамазан минатата недела, кога властите поставија барикади на Портата Дамаск, традиционално место за собирање на отворено.

Извор: МИА