Победуваат и едните и другите – и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ!

За изјавата на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека според анкетите ВМРО-ДПМНЕ има „најмалку 100 илјада гласови предност пред СДСМ“, Заев вели дека таквите резултати веројатно се според истражувањата што ги прават нивните партиски анкетари за нивни потреби.

126

ВМРО-ДПМНЕ губи на анкетите и ќе изгуби. Јас сум убеден, како што реков, дека помеѓу 60 и 120 илјади гласови ќе биде резултатот во полза на СДСМ и коалицијата предводена од СДСМ, нагласи Заев.

Тој тактизира, и името на техничкиот премиер ќе го соопшти идната недела.

Премиерот Заев тактизира – кон крајот на следната недела ќе биде познато името на техничкиот премиер, откако следниот петок ќе заседава Централниот одбор на партијата, а претходно ќе се состане и Извршниот одбор. Ова вчера го изјави премиерот, запрашан што одлучило потесното раководство на СДСМ на состанокот кој се одржа претходната вечер, а на кој требаше да бидат номинирани кандидатите за технички премиер. -Од тактички причини одлуката ја одложивме за крајот на следната недела. Ќе нè разберете затоа што овде се прави договор меѓу власта и опозицијата. Ние не би сакале да истрчуваме со какви било мерки. Имаме доволно време да размислиме. Се работи за избор на премиер за 100 дена од 3 јануари сè до изборите и до формирањето на идната влада. Се работи за дополнителни двајца заменици министри со право на вето во МВР и во Министерството за труд и социјална политика, но и за пополнувањето на испразнетото место потпретседател за економски прашања. Економијата е многу важна, сакаме цел тој кабинет да биде пополнет со соодветна личност, истакна премиерот.

Како можен технички премиер, во оптек се имињата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и на министерката Царовска. Таа вчера на прашањето дали е подготвена да ја води владата како технички премиер рече дека не станува збор за тоа дали некој е подготвен.

-Дискусиите се водат таму каде што треба да се водат и кога ќе се донесе одлуката јавноста ќе биде запознаена, кусо одговори Царовска.

И додека деновиве од двата најголеми табори на македонските политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се слуша едно исто, дека ќе победат на овие избори, СДСМ велат нема дилема “ќе тепаат”, од ВМРО-ДПМНЕ исто, секој во своите партиски ровови интензивно се подготвува за изборната трка.

Се подготвуваат кандидатите за техничка влада, се крчкаат и листите за пратеници за претстојните предвремени парламентарни избори на 12 април.

Извори од Бихаќа брифираат дека на листите на партијата сигурно нема да се најде ниту едно име кое е поврзано со било каков скандал или криминал, а дека како и на претходните избори Зоран Заев веројатно ќе ја предводи листата во четвртата изборна единица. Останува извесно дека на листата на СДСМ повторно ќе се најдат вицепремиерката Радмила Шекеринска, министерките Мила Царовска и Рената Дескоска, а на листата ќе биде и новата министерка за финансии, Нина Ангеловска. На листите на ВМРО-ДПМНЕ, според партиски извори како сигурни кандидати ќе бидат Антонио Милошоски, Благица Ласовска, Дафина Стојановска,  Владимир Нелоски и генералниот секретар на партијата Игор Јанушев.

Инаку, според изјавата што вчера ја даде премиерот Зоран Заев, СДСМ и натаму не се откажува од ветувањето за измени во Изборниот законик и воведување една изборна единица.

– Ниту сакаме, ниту имаме право, ниту треба да се откажеме. Јас сум свесен дека со ваков огромен број на амандмани и од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ, тоа буквално изгледа невозможна мисија. Но, тоа дава можност и за дијалог, за разговори и за сè, изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање дали можеби за овие избори ќе се откаже од измените во Изборниот законик во делот на една изборна единица.

Тој изрази надеж дека во претстојниот период ќе биде изнајден начин за договор за измените, за да се постигне закон во согласно со она што е најважно за државата, а не за големите политички партии. Според него, со моделот со една изборна единица добива демократијата, помалубројните етнички заедници и помалите политички субјекти и се отстранува можноста за воспоставување автократски режим.

– Ако го промениме изборниот модел од шест изборни единици во една изборна единица има доволно време тој да се имплементира. Ќе одиме со дискусијата до крај во парламентот и верувам нашите граѓани уште повеќе ќе знаат што е предноста на едниот концепт, што е предноста на другиот, порача Заев.

Тој ги негираше информациите дека СДСМ разговара со ВМРО-ДПМНЕ околу измените на Изборниот законик без знаење и присуство на другите политички партии.

– Сите дискусии што се случуваат околу изборниот модел се на парламентарно ниво, односно се случуваат за предлогот за двата закони коишто ги даваат самите пратеници и да не заборавиме, тука имаме две измени. Едната измена е една изборна единица, другата е балансиран процес каде што мажите и жените се рамномерно застапени, односно двата пола 50:50. СДСМ ја поддржа ваквата иницијатива. Верувам низ дебата ќе ги решиме сите овие работи, додаде Заев.

Запрашан да ја коментира вчерашната изјава на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека според анкетите ВМРО-ДПМНЕ има „најмалку 100 илјада гласови предност пред СДСМ“, Заев одговори дека таквите резултати веројатно се според истражувањата што ги прават нивните партиски анкетари за нивни потреби.

– ВМРО-ДПМНЕ губи на анкетите и ќе изгуби. Јас сум убеден, како што реков, дека помеѓу 60 и 120 илјади гласови ќе биде резултатот во полза на СДСМ и коалицијата предводена од СДСМ, нагласи Заев.