Како што одговорија градските власти, градежните активности биле ставени во мирување повеќе од еден месец поради одржување на „Винтерленд“ и поставување на новогодишната елка на овој простор, а сега тие продолжуваат во согласност со предвидената динамика. Овој простор беше претходно запуштен, а сега целосно ќе се осовремени и поплочи со три вида камења, а ќе бидат засадени и 22 дрвца костен
Градежните работи на реконструкцијата на плочникот пред ГТЦ до влезот на Градскиот плоштад од страната на Порта „Македонија“ деновиве продолжуваат, откако беа прекинати поради поставување на зимската населба „Винтерленд“ и новогодишната елка. На терен може да се забележи присуството на багерите кои го копаат асфалтот и го товараат на камиони.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вети дека до 13 ноември минатата година, дури 80 проценти од работите ќе бидат завршени и тој ќе биде пуштен во употреба. Од ПР Службата на Шилегов за ВЕЧЕР изјавија дека работите сега продолжуваат во согласност со предвидената динамика.
Инаку, работите на овој мини плоштад започнаа на крајот на септември, минатата година, а овој проект на прес-конференција беше презентиран пред медиумите и на јавноста. Овој простор беше претходно запуштен, а сега целосно ќе се осовремени и поплочи со три вида камења.
– Со овој проект ќе се уреди простор на површина од околу 5.000 квадратни метри. Тука, покрај нов плочник, составен од три различни вида камења, ќе бидат засадени 22 костени, ќе биде изведена патека за лицата со инвалидитет, а ќе биде поставена и соодветна урбана опрема со оптимален број клупи, корпи за отпадоци, осветлување и заштитни столбови – информираа од ПР Службата.
За реализацијата на овој проект од градскиот Буџет ќе се потрошат околу 33,2 милиони денари со вклучен ДДВ.
Шилегов на почетокот на градежните активности за уредување на овој дел, направи споредба, при што истакна дека големиот плоштад „Македонија“ е поплочен со плочки кои според него блескаат од сонцето, а тоа пречи, а пак есента и зимата при првиот дожд или снег тие се лизгаат, додека новиот модерен мал плоштад ќе биде поинаков. Тој тогаш информираше дека плочникот што тој ќе го прави ќе чини 104 евра по квадратен метар, додека плоштадот „Македонија“ чинел 195 евра по квадратен метар.
(А.П.) – Фото: Ѕ.П.