Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска во Брисел рече дека ако Словенија одлучи да го блокира влезот на Хрватска во Шенген-зоната, нема да може да го прави во недоглед.
– Не можат да нè блокираат во недоглед, ние сме членка, имаме механизми, доволно, само тоа ќе го кажам, изјави Пленковиќ по прашањето на еден новинар дали Словенија би можела да го запре хрватското влегување во Шенген зоната.
Пленковиќ, кој е во тридневна посета на Брисел, разговараше со голем број високи европски претставници. Вчера тој се сретна со избраната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, претседателот на Европскиот парламент Дејвид Сасоли и актуелниот претседател на Комисијата Жан-Клод Јункер.
Пленковиќ утре ја завршува посетата, со состанокот со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.
Пленковиќ вчера изјави дека очекува сегашната Европска комисија до крајот на својот мандат да даде препорака за влез на Хрватска во Шенген зоната.
– Очекувам Колеџот на комесари да го прифати она што го предложија надлежните комесари, мислам пред сè на еврокомесарот за внатрешни работи Димитрис Аврамопулос, рече хрватскиот премиер.
Европската комисија до средината на следниот месец на дневен ред би требало да ја стави проценката за подготвеноста на Хрватска за влез во Шенген-зоната. Претседателот на Евркомисијата Жан-Клод Јункер, за време на посетата на Загреб во јуни рече дека Комисијата ќе донесе позитивна препорака до крајот на мандатот, кој истекува на 1 ноември.
Пленковиќ додаде дека на почетокот на септември, Комисијата за Шенген веќе констатираше дека Хрватска ги исполнила сите осум единици поврзани со законодавството на Шенген.
– Направивме многу чекори и сега очекуваме Колеџот на комесари да го прифати кажаното на пониско ниво, рече Пленковиќ.