Плачев два дена, не сакав тоа да го прифатам

56

Неимар веќе еден месец се рехабилитира од последната повреда. Бразилскиот интернационалец се повреди за време на куп пресметката против екипата на Стразбур, а лекарскиот преглед покажа дека станува збор за скршеница на метатарзалната коска во десното стапало. Иако беше предвидена операција, Неимар реши да се рехабилитира со помош на специјална терапија која е богата со плазма од тромбоцити и матични клетки.

Ѕвездата на актуелниот шампион на Франција, тимот на ПСЖ, откри дека се чувствувал ужасно кога дознал дека мора да паузира 10 недели.

  • Оваа повреда е покомплицирана од претходната. Тогаш си кажав дека морам да се вратам што е можно побрзо. Поради СП во Русија. Сега, многу потешко ја прифатив целата ситуација. Плачев два дена. Рехабилитацијата само што почна. Ова ќе биде едно долго патување и ќе имам многу помали победи секој ден. Тешко е да се биде надвор од фудбалскиот терен, да се биде надвор од секојдневната рутина, далеку од навивачите. Претходната повреда ме направи посилна и поподготвен, изјави Неимар.

Бразилецот ќе го пропушти и реванш 1/8 финалниот дуел од Лигата на шампиони против екипата на Манчестер Јунајтед, а според лекарските проценки, Неимар би требало да биде подготвен за 1/4 финалните дуели доколку ПСЖ обезбеди пласман во следната елиминациска рунда.