Утврдени се зоните на смирен сообраќај покрај училиштата во Куманово, како дел од „Планот за одржлива урбана мобилност“ (ПОУМ), соопштија од Секторот за урбанизам во Општина Куманово. Планот за одржлива урбана мобилност треба да ги реши потребите на кумановци во однос на повеќе пешачки зони, велосипедски патеки…
– Општина Куманово, покрај Генерален урбанистички план (ГУП) изработи, а Советот усвои и „План за одржлива урбана мобилност“, (ПОУМ) во кој се предвидени повеќе мерки во пет различни столба. Еден дел од мерките веќе се спроведуваат, како што е мерката зона на смирен сообраќај околу училиштата. Подготвени се проектите, добиена е согласност од МВР за траен режим на сообраќај, потребна е реализација од страна на општината – изјави раководителката на Секторот за урбанизам, Емилија Сларидис Јаневска.
Во рамките на планот предвидена е пешачка зона во три фази, дел веќе се реализира со тековната реконструкција на малиот градски плоштад, по што треба да следи спојувањето на двата плоштади. Во тој столб од планот предвидено е поттикнување и користење на други алтернативни превозни средства покрај автомобилите, мерка која во општината се спроведува преку бесплатниот јавен превоз.
Од Секторот за урбанизам во Општина Куманово нагласуваат дека носењето на планот има десетгодишен период и општината ќе инсистира економските оператори да го вметнат планот при изработка на сообраќајната студија.
– Најважна ни е сообраќајната студија. Во фаза сме на подготовка на тендерската документација. Обврска на економскиот оператор кој ќе ја изработува студијата ќе максимално да се почитува планот за одржлива урбана мобилност, односно да го вгради во студијата и таа да оди чекор напред, да даде нова визија на сообраќајот на градот, предводена од европските стандарди и нормативи – вели Сларидис Јаневска.
Таа додава дека само така ќе може за реализација да се црпат европски фондови.
-Повеќе велосипедски патеки, пешачки зони и бидејќи и градот се шири да се додадат нови автобуски линии, ќе се даде предлог за формирање ново на јавно претпријатие за автобуски превоз. Тоа останува да покаже самата студија – наведе Сларидис Јаневска.
Дел од граѓаните кои користат велосипед како превозно средство се жалат дека постоечките велосипедски патеки се зафатени од паркирани автомобили долж булеварите, особено на „Трета Македонка Ударна Бригада“
– Најголемата забелешка е непостоење на слободни површини за пешачење, односно изградените тротоари наменети за пешаци се користат за паркирање на автомобили. Има и велосипедски патеки долж булеварите, но таму ниту може да се вози, ниту да се пешачи, што е реална забелешка на граѓаните и потребно е да проработи совеста на граѓаните. Совесните не се паркираат на тротоар – изјави Сларидис Јаневска.
Граѓаните дадоа предлози, размислувања како да се подобри јавниот превоз, дали е потребно да се затвори за сообраќај одредено подрачје од градот, на кои локации се потребни повеќе велосипедски и пешачки патеки, алтернативни начини на превоз во однос на возилата, поздрава животна средина.
Воедно, беше организирана и анкета која беше достапна на веб-страницата на општината.