Во предлог-буџетот за наредната година, кој е во собраниска расправа, се планирани рекордно најмногу пари за животната средина, но тие средства ни оддалеку нема да може да ги решат горливите еколошки проблеми. Станува збор за сума од 103,4 милиони евра, што е 1,36 % од вкупно планираните буџетски средства
Во предлог-буџетот за наредната година, кој е во собраниска расправа, се планирани рекордно најмногу пари за животната средина, но тие средства ни оддалеку нема да може да ги решат горливите еколошки проблеми. Станува збор за сума од 103,4 милиони евра, што е 1,36 % од вкупно планираните буџетски средства.
Од „02 Иницијатива“ направиле анализа, која покажува дека најголем дел од средствата одат на комунална инфраструктура, изградба на водоводни и на фекални канализации, нешто што општините треба да го реализираат. Во минатото, овие изградби помогнати од централниот буџет беа дел од Министерството за транспорт, а сега се бројат како заштита на животната средина.
– Средствата од 103,4 милиони евра, иако се голем исчекор од минатото, особено во споредба со годините пред 2024 година, се малку во однос на собраните даноци за животната средина и би требало да се двојно повеќе. Деведесет проценти од средствата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), што е 77,8 милиони евра, се наменети за капитални расходи – велат од „02 Иницијатива“.
Во август оваа година, со ребалансот на буџетот за 2024 година, за прв пат се воведе нова владина потпрограма, инфраструктурни проекти во општините, во програмата „Децентрализација“.
– Ова продолжува и во 2025 година. За добивање на овие средства, општините треба да аплицираат со проекти до надлежните министерства. Од МЖСПП, за оваа намена, се одвоија 9,9 милиони евра во 2024 година, а за 2025 се планирани 7,8 милиони евра. Наша претпоставка е дека овие проекти во најголема мера ќе бидат за изградба на водоводи и на канализации – нагласуваат од „02 Иницијатива“.
Оттаму потенцираат дека не се планирани пари за решавање на многу еколошки проблеми. Така, за намалување на аерозагадувањето, од кое во Македонија годишно има над 3.800 смртни случаи, што е 17,7 % од вкупната смртност во државата и секој деветти смртен случај кај новороденчињата е поврзан со загадениот воздух, во буџетот за 2025 година за оваа намена нема пари.
– Исто така, нема средства за намалување на загадувањето од начинот на греење на јавните установи, домаќинствата, сообраќајот, иако министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека 10 болници во текот на 2025 ќе го променат начинот на греење. Нема доволно средства за купување мерни инструменти за континуирано работење на мониторинг-станиците за квалитетот на воздухот. Во моментов, 29 инструменти не работат. Нема континуирано мерење на тешките метали во воздухот барем на едно мерно место, согласно со законските обврски, затоа што не се планирани пари и за оваа намена – велат од „02 Иницијатива“.
Целта на државава до 2030 година е учеството на обновливите извори на енергија во производството на електрична енергија, посебно од големите хидроцентрали, да изнесува 66 % од вкупното производство на струја. Притоа се има предвид дека енергијата од ветерот и од сонцето е нестабилна, за што е потребно балансирање на системот. Меѓутоа, и за оваа намена нема средства во буџетот.
– Во однос на овозможувањето индустријата да ги замени јагленот, мазутот и слично со гас, потребно е да се донесе гасот до неа. За гасификација, предвидени се само 1,8 милиони евра. Средства за најавените когенеративни централи на гас, исто така, нема во буџетот – велат од „02 Иницијатива“.
Сметаат дека е потребно мобилизирање на средствата за чистење на големата депонија со линдан во ОХИС и во Пеленица.
– Давање на концесионери за чистење на Лојане, згурата од топилницата „Велес“, не даде со резултат и потребно е државата да вложи и да ги исчисти овие жешки точки на најсоодветен начин, во најбрз можен рок. Исто така, и со депонијата на „Југохром“, од која се загрозени изворите на Рашче и другите жешки точки. Средства за оваа намена во буџетот за 2025 година нема – велат од „02 Иницијатива“.
(С.Бл.)