На 25 септември 2024 од 19.00 ч. во фоајеto од ЦК „Марко Цепенков“ концерт на пијано ќе одржат Татјана Џорлева и Ангеле Михајловски. На програмата се дела од Григ, Јанкоски, Леон, Коларовски….
Татјана Џорлева е пијанистка од Македонија. Дипломира пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Стела Слејанска – Стојаноска. Магистерските студии по пијано ги завршува со највисок просек на истиот факултетот. Татјана Џорлева го продолжува своето усовршување на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што ја завршува Докторската Дисертација по пијано интерпретација, исто така под менторство на проф. Стела Слејанска – Стојаноска, a научно истражувачката дејност на докторатот ја работи кај проф. Димитрије Бужаровски. Во текот на своето образование работи со врвни педагози од кои се издвојуваат проф. Акилес Дел Вињ (Салзбург), Mарчела Крудели (Италија), Рита Кинка (Србија), Andrej Diev (Русија), Наташа Вељковиќ итн.
Татјана Џорлева како солист реализира бројни концертни настапи во својата земја и на европската сцена. Како солист одржува концерти во: Франција, Италија, Австрија, Германија, Англија, Бугарија, Србија, Хрватска и концерти низ повеќе градови во Македонија. Настапувала во рамките на фестивалите “Штипско лето”, “Скопско лето”, “Охридско лето”, “Музика Вива”, “Балкански класичен музички фестивал”, фестивал за современа музика “Модоарс”, “Денови на Македонска музика”, “Шопенова вечер”. Како солист учествува и на бројни концертни настани во организација на Францускиот културен центар, Британскиот совет, Културно информативниот центар итн. Остварува голем број соработки со македонски композитори (Бужаровски, Коларовски, Зогравски, Гајдов, Темков), промовирајќи ја современата музика во Македонија и надвор од неа.
Џорлева е активен член во клавирското дуо Гацева–Џорлева. Настапуваат на Скопско лето, Штипско културно лето и други градови низ Македонија, “Охридско лето”, “Есенски музички свечености”. Џорлева е дел и од клавирското дуо Џорлева–Потевска. Покрај бројните настапи се издвојува освоената прва награда и златен медал на интернационалниот Музички фестивал ”Култура и музика” Барлета-Италија, а подоцна прават Балканската турнеа за промоција на македонската современа музика и македонската култура, со високо оценетите целовечерни концерти во Софија (Бугарија), Нови Сад, Белград, Шабац (Србија), Скопје, Штип, Охрид и Битола – “Бит Фест” (Македонија). Во 2013 година го издаваат и своето заедничко ЦД за пијано 4 раце. Од 2015 година формираат дуо и со Марија Илиева- виолина, со која активно настапуваат во Македонија.
Денес работи како редовен професор по пијано, камерна музика и методика на наставата по пијано на Музичката академија во Штип. Има изготвено повеќе рецензирани скрипти по методика на наставата по пијано за потребите на студентите, а во тек е изданието на нејзината книга “Пијанизмот во делото Дваесет погледи кон детето Исус” од Оливие Месиан.
Ангеле Михајловски е роден 1982 година во Охрид, каде го завршува основното музичко училиште. Средното музичко образование го продолжува во Штип во класата на проф. Јасминка Бикова. Студиите ги продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Стела Слејанска, период во кој се стекнува со огромно пијанистичко искуство, земајќи учество на повеќе државни и меѓународни натпревари каде освојува вредни награди. Веднаш по дипломирањето се вработува во Средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип како професор по пијано и корепетиција. Во тој период, под менторство на проф. Слејанска ги запишува магистерските студии кои успешно ги завршува во 2010 година. За време на студиите бележи бројни солистички, камерни концерти во Македонија, но и во други држави како Србија, Бугарија, Чешка, Франција, САД итн. Од 2010 година е член на музичкиот состав „Портал“ со кој успешно реализираат повеќе проекти и концерти.
Од 2007 година Ангеле Михајловски е вработен на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде работи како професор по пијано. Во 2015 година ги запишува докторските студии по пијано во класата на проф. д-р Ана Гацева, на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. За време на подготовката на изведувачкиот дел, реализира повеќе концерти во земјата и странство. Во 2019 година ја одбранил докторската дисертација со наслов „Пијанизмот во три избрани сонати од композитори на 20 век“ под менторство на проф. д-р Викторија Коларовска – Гмирја. Од септември 2017 година е организациски раководител на дувачкиот оркестар Проарт од Штип, со кој реализираат бројни концертни активности на важни настани и фестивали.
Во 2020 година е избран за редовен професор по пијано на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.