Во знак на одбележување на 120 години од загинувањето на легендарниот војвода од Мечкин Камен, Питу Гули (1865-1903), во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, издадена е монографијата за Питу Гули, „Војводата Питу Гули 1865-1903“ историографски труд од познатиот македонски писател и публицист Кочо Топузоски.

Монографијата, која е објавена во едицијата „Сведоштва“, пред читателската јавност носи обемен историографски материјал од архивски карактер, како и од спомени и изворни семејни кажувања, а користени се и материјали од весници, списанија и зборници. Книгата располага со низа факсимили од оригинални и до сега непознати документи и фотографии.

Како што велат од издавачката куќа, животниот и револуционерен век на Питу Гули се поклопува со најзначајниот период од борбата на македонскиот народ за самостојност и за создавање национална држава, познат во историските традиции како илинденска епопеја.

Инаку, авторот Кочо Топузоски (1951) е автор на повеќе книги од областа на поезијата и историографијата. Меѓу нив се и „Ноќни делби“, поезија (1975); „Питу Гули – живот и потоа“, историско – биографски осврт (1995); „Болна прелест“, поезија (2003); „Питу Гули – живот и потоа“, дополнето издание (2003); „Никола Карев – живот и потоа“, монографија (2005); „Никола Карев – патешествија низ документи“, монографија (2008); „Препознавања“, поезија (2012); „Војводата Питу Гули“, монографија (2015); „Посланија и риданија“, поезија (2016); „Нафора мугреница“, поезија – избор на македонски, албански и влашки јазик (2017); „Ветераните на Илинден“, историографија (2017);„И жега и река“, поезија – избор (2020); „Илинденската споменица“, историографија (2023) и „Питу Гули“, монографија (2024).