“Насловот на книгата е врзан со една професија за чие постоење за првпат дознав во Австрија и за која не бев свесен дека постои, а се работи за нега/придружба на лица кои се пред умирање. За мене тоа беше многу доблесна професија и инспирација да се напише ликот на Хермине во книгата, која е жена на протагонистот. Таа е спореден лик, но секогаш е тука во заднина…“, изјави за “Вечер“ младиот писател Стојановски, зборувајќи за својот најнов, трет роман “Утеха за голите“, кој неодамна излезе од печат во издание на “Или-или”
“Кога одново стигнав тука во Скопје, по толку години, моето присуство ми побуди силно чувство на нереалност, особено кога помислив дека во мигот на мојот овдешен престој во минатото, тоа беше сосема друга држава, а и јас тогаш и припаѓав на земја што повеќе не постои… Таквата помисла ми оддаваше впечаток дека моите спомени, и самиот јас во нив, не му припаѓаме на светов. Се чинеше како минатото повеќе да не постои, па дека сега се обидувам да утврдам дека навистина сум бил тука. Или можеби сегашниот јас беше оној што го нема во градов…“. Ова е дел од најновиот, трет роман на младиот писател Давор Стојановски – “Утеха за голите“, кој неодамна излезе од печат во издание на “Или-или“.
Како што посочува и самиот автор, кој живее на релација Австрија – Македонија, токму овој сегмент најдобро ќе го воведе читателот во дејствието на романот чиј наслов е врзан за една професија за чие постоење авторот за првпат дознал во Австрија и за која не бил свесен дека постои, а се работи за нега/придружба на лица кои се пред умирање…
“За мене тоа беше многу доблесна професија и инспирација да се напише ликот на Хермине во книгата, која е жена на протагонистот. Таа е спореден лик, но секогаш е тука во позадина…“, изјави за “Вечер“ Стојановски на средбата во книжарницата “Или-или“ на која тој се дружеше со читателите и потпишуваше примероци од книгата. Тој исто така додаде дека му е драго што новиот роман излегол токму како што посакувал.
“Беше доста тежок процес, иако не го пишував премногу долго, тој постоеше две години. Во новата форма го пишував половина година и таа претрпе големи промени. Важен ми беше аспектот кој треба да го опфатам со приказната… најтешкото беше да се формира ликот…мене ми е тоа најважно, но кога се знам за него, потоа можам да седнам и да пишувам… Според првичните реакции се чини дека сум успеал“, истакнува тој посочувајќи дека ова дело, како роман на оддалеченост, го пишувал во Австрија. “И ликот е од таа средина – протагонистот потекнува од Источна Германија и дејството што се случува во романот е поблиску до Австрија“.
Цитирајќи му ја мислата од неговиот претходен роман “Собирачи на пепел“ која посочува дека “понекогаш најубавата приказна, можеби, е токму онаа што не се случила, највозбудливото доживување е она што го одминуваме, а најубавите зборови се тие што ги премолчуваме“ и запрашан дали тоа му се случило, тој потврдно одговара. “Тоа често ми се случува, а тоа некогаш е и сон (некоја мисла, дејствие), и тој заминува, а тогаш остануваш со празни раце, ама верувам дека потоа сепак останува некоја мала нишка што се провлекува, па потоа пак се иницира. Некако ќе се јави… Сакам да верувам дека е така, бидејќи би бил многу несреќен“, вели авторот.
Инаку, неговиот втор роман, “Собирачи на пепел“ (Или-или, 2016) ја освои наградата Роман на годината на “Утрински весник“. “Според мене, ‘Собирачи на пепел’ (Или-или, 2016), како да беше поголем претставник на егзистенцијализмот. За ‘”Утеха за голите’ не би рекол така, но секако, бидејќи се работи за живот или смрт, ги офаќа тие егзистенцијални прашања“, ќе посочи младиот писател кој веќе три години живее во Австрија, а повремено ја посетува Македонија. Тој двата последни романи ги има напишано во Австрија. “За претходниот роман ‘Собирачи на пепел’ ми беше потребно да дојдам во Скопје за да го доловам впечатокот кој ми беше потребен и, би рекол, дека овој роман е ‘повеќе скопски’“, објаснува Стојановски кој ни истакна дека на почетокот на годинава романот е преведен на руски од Олга Панкина и објавен во Русија од страна на московски издавач. “Радосна вест, ќе ги чекаме впечатоците… Како љубител на класичната руска литература мило ми е што се случи тоа“, вели Стојановски кој најавува и превод на бугарски јазик.
Современата македонска литература, особено онаа која ја создаваат писателите од поновата генерација, ја оценува позитивно. “Се смени поетиката и темите кои се обработуваа претходно. Се забележуваат и промени во јазикот, од оној стар стил, и тоа е освежувачки за сцената, ја придвижува. Сега постои радост кај читателите, со радост чекаат нов роман, нови раскази од младите автори. Така е можеби овие десетина години. И темите и стилот се поблиски до читателите, формите се посоодветни за денешницата, за современоста“, ќе забележи Стојановски.
За идните планови младиот писател ќе истакне дека намерата му е да ја објави поезијата која подолго време ја пишувал. “Собрана и долго време пишувана, се надевам дека поезијата ќе ја објавам оваа година…Не брзав и не сакав по секоја цена да излезе, сакав песните да одлежат затоа што имам поинаков пристап кон поезијата. Различна е од прозата и по постапката на пишување и по третманот. И добро е што помина повеќе време и сега излегува. Ќе ми треба време песните да ги средам во циклуси или без циклуси… ама тоа ми е намерата, прво поезијата, а после и наредниот роман, ама не знам кога…“, додава овој млад, надежен автор (роден 1987), кој е и преведувач и музичар, а за расказот „Соба со тенки ѕидови – сонувајќи го Цејлон“ (2011) е добитник на откупната награда за расказ на весникот „Нова Македонија“ и на наградата “Ана Франк“. Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ (2013), пак, влезе во потесниот круг за наградата Роман на годината. (Н.И.Т.)