Изминатиов викенд се одржа првото Државно првенство во текбол на Македонија, во две категори: „Мажи поединечно“ и “Мажи двојки” во кој учествуваа вкупно 17 натпреварувачи.

Во поединечна конкуренција првото место го освои Димитар Пејчиновски, втор беше Борис Локвене, а трет Коста Трифуновски. Во двојки со титулата се закитија Пејчиновски и Трифуновски, среброто им припадна на Дарко Стефановски и Андреј Најдовски, додека бронзата замина во рацете на Никола Петковски и Давид Николовски.

Државното првенство се одржа во малата сала во СЦ „Јане Сандански“, а беше поддржан од Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), Општина Аеродром, Горска и Меѓународната текбол федерација ФИТЕК.

-Првенството привлече голема заинтересираност кај помладата генерација  која се надеваме дека ќе биде иднината на овој нов спорт, велат од Македонската текбол федерација.

Текбол е спортска игра со топка, слична на фудбалот што се игра на специјална закривена пинг понг маса. Играта комбинира движења и правила од пинг понг, фудбал и тенис. Играчите смеат да ја удрат топката со сите делови на телото освен со дланките и рацете.

Меѓународната федерација на текбол, ФИТЕК работи на вклучување на текболот во Олимписките Игри.