Откако во Пехчево, во изминатите две недели, масовно се труеја животни, а досега не е откриен сторителот, Здружението за заштита на животните “Про анима” од Берово и Здружението за заштита на животните “Анима мунди”, со поддршка на италијанско здружение, почнаа акција на вдомување на дел од бездомните кучиња од Пехчево во Италија.
– По серијата труења на животните во Пехчево, а со оглед на фактот дека опасноста од нови труења со отров секојдневно им се заканува и не запира, сметаме дека животот на животните во Пехчево е загрозен во секој момент и затоа со помош на граѓаните покренуваме акција за нивно згрижување во Италија. За секое од кучињата, кои ќе бидат селектирани за вдомување, потребно е да обезбедиме вакцини, чип, стерилизација, со цел добивање сертификат што е потребен да поминат граница, информираат од здружението “Про анима”.
Со цел за непречено траење на постапката за добивање на сертификат, како што дополнуваат од “Про анима# потребно е привремено сместување на кучињата во Пехчево или Берово, кое би траело отприлика едден месец.
Од беровското здружение за заштита на животните апелираат до граѓаните доколку имаат интерес за згрижување на кучиња скитници за период од еден месец да ги контактираат, се со цел оваа акција понатаму да завши успешно и бездомните кучиња во соработка со италијанското здружение за заштита на животните да бидат вдомени таму.
Последниот случај на труење животни во Пехчево е забележан пред три дена, по што од “Про анима” се решија на ваков чекор.