Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) излезе со податоци дека во Македонија лани биле евидентирани 93 несреќи при работа и е далеку помалку од бројот на 169 несреќи што се случиле во 2022 година. Лани, 15 несреќи при работа завршиле со фатални последици, од нив дури седум се во градежништвото.
Ова покажува дека стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 2,16, односно на секои 100.000 вработени, двајца гинат на работното место. Оваа стапка на смртност е во благ пад споредбено со претходната 2022 година, кога изнесувала 3,17 и ова охрабрува, затоа што во 2021 година имало 3,77 смртни случаи.
Ова е нотирано во извештајот на Македонското здружение за заштита при работа за 2023 година, од каде што забележуваат дека овие бројки ни оддалеку не ја отсликуваат реалната слика на несреќи на работа со смртен исход, бидејќи не се ставени смртните случаи кај кои последица се професионалните заболувања.
– Кога, пак, како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа за 2023 година изнесува 13,42, што покажува дека на секои 100.000 вработени, потешко се повредуваат околу 13- до 14. Споредбено со 2022 година, кога стапката на повреди при работа изнесувала 21,21, стапката на повреди за 2023 била во пад – велат oд Македонското здружение за заштита при работа.
Сепак, како што велат од ова Здружение, доколку за оваа пресметка ги земеме поверодостојните бројки на потешко повредените вработени според податоците од Државниот инспекторат за труд, кои изнесуваат 2.237, тогаш ќе се добие бројка од 322,93 или во текот на 2023 година сме имале 323 повредени работници на секои 100.000 вработени.
Врз основа на податоците што успеале да ги соберат, анализираат и да ги систематизираат од МЗЗР, Скопје лани било град со најголем број несреќи, а по него следуваат Битола и Прилеп. Минатата година, најголемиот број смртни случаи поврзани со работното место биле во Скопје – 3, па следувале Куманово, Охрид, Струмица и Тетово со по 2 случи.
Во 2023 година, најмногу несреќи имало во преработувачката индустрија – 29, по што следувале градежништвото и јавната управа и одбрана – 22. Најголем број несреќи што резултирале во смрт имало во дејностите на градежништвото – 7, дејностите на домаќинствата како работодавци – 3 и во преработувачката индустрија и рударството по 2.
– Дејностите на домаќинствата како работодавци во голем дел ги опфаќаат земјоделските работи на нивните имоти. Доколку се регистрирани овие лица како земјоделци, тогаш голем дел од повредите би ѝ се припишале на дејноста земјоделство. Најголемиот број несреќи во оваа дејност се случиле со земјоделска машина – трактор, при вршење земјоделски работи, транспорт или при учество во сообраќај. Исто така, градежните зафати врз објектите од домаќинството каде што имаше зголемен број повреди и смртни случаи, покажува дека дејностите во домаќинствата се една од најчестите причини за настанување несреќи при работа – појаснуваат од МЗЗПР.
При оваа анализа, утврдено е дека најголем број смртни случаи имало во петок – 7, по 2 во понеделник, четврток и во сабота. Исто така, најголем број повреди имало во петок, додека во другите денови од неделата бројот се движи меѓу 11 и 14 повредени.
Според резултатите добиени од анализата на несреќите при работа, во април се случиле најмногу несреќи, вкупно 18. Бројот на смртни случаи е најголем во септември – 3, додека февруари и август се без регистрирани смртни случаи. Може да се забележи дека несреќите за кои во минатите години предничеле летните месеци, во 2023 година се во благ пад, додека во другите месеци бројот е прилично изедначен.
Според добиените податоци, најголем број несреќи – 20 се случиле на лица на возраст меѓу 35 и 44 години. Најголем број несреќи со фатален исход – 5 има во категоријата од истата возраст од 35 до 44 години. Но, и кај категориите од 18 до 64 се забележува дека тој број е сличен со категоријата 35-44 години, односно им се случуваат несреќи и на искусните работници, како и на помладите и понеискусни.
Кај несреќите евидентирани според полот, податоците на МЗЗПР покажуваат дека лани поголемиот број повреди и смртни случаи спаѓале во категоријата мажи. Од вкупно 108 несреќи, 6 од нив спаѓале во категоријата жени, што е повеќе од 2022 година, кога биле забележани 4 повреди во категоријата жени.
На глобално ниво, пак, анализите и проценките на Меѓународната организација на трудот, објавени пред извесно време, даваат уште позастрашувачка слика. Секоја година, повеќе од 2,3 милиони работници ширум светот умираат од несреќи или од заболувања што се поврзани со работата и работното место, а дополнителни 340 милиони работници се повредуваат во различни несреќи при работа.
– Ако според Меѓународната организација на трудот 4 % од БДП во сиромашните земји оди за компензација на повредите, тогаш директните загуби што ги трпи Македонија се над 400 милион евра. Тоа е фрапантен број, кој нашата кревка економија не смее и не може да си го дозволи. Во извештајот ќе видите дека имаме тренд на намалување на несреќите при работа, но тоа не смее да ги намали сите активности на засегнатите страни. Градењето партнерски однос со синдикатите, организациите на работодавците, медиумите, здруженијата од регионот беа во фокусот на работењето на МЗЗПР. Да не заборавиме дека несреќите при работа може да се спречат, но од суштинско значење е да се научат лекциите како да не дојде до нив. 2023 година беше година на многу активности на МЗЗПР, пред сè на регионално ниво и најмногу на подигнување на свеста на јавноста. Студиските посети во европските земји ни покажаа дека сето она што го работиме нè води на вистинскиот пат и дека само со заеднички сили ќе ги постигнеме нашите цели. Се надеваме дека и со ова ќе ги поттикнеме сите да разберат дека не треба да има компромис со заштитата при работа – вели Петар Наумовски, претседател на Македонското здружение за заштита при работа.
Топло време и работа на отворено
Пред една недела, беше тешко повреден градежен работник на работното место, додека извршувал градежни работи на новиот магистрален пат Гостивар – Кичево од коридорот 8. Случајот бил пријавен во 13:05 часот од Медицинскиот центар – Гостивар, каде што бил донесен повредениот.
– Тогаш беше прогласена портокалова фаза во земјава. Заедно со Сојузот на синдикатите на Македонија, изминатиов период водевме борба против воведувањето 12-часовен работен ден и укажувавме дека, особено поради тешките услови за работа, изложеноста на високи температури, ќе доведе до повреди на работниците, како и до опасност од смртни случаи на работното место. Бараме да се преземат сите мерки од надлежните институции за да се спречат вакви повреди во иднина, како и веднаш да се укинат спорните одредби од Законот за работни односи со кои се овозможи градежните работници на коридорите 8 и 10-д да работат во нехумани услови, спротивно принципите за достоинствена работа. Мора да се овозможи работниците безбедно да ги извршуваат своите работни задачи и безбедни, живи и здрави да се вратат кај своите семејства на крајот од работното време. Чекајќи го новиот Закон за работни односи, се заборавија и измените и дополнувањата во Законот за безбедност и здравје при работа, кои, исто така, ССМ и СГИП ги предложија пред повеќе од три години. По бројот на вработени во државата, наспроти бројот на повреди и жртви, сме лидери не само во Европа туку и во светот. СГИП повеќе од 10 години чека од „владините експерти“ да направат и да дадат бенефициран стаж за градежните работници, иницијатива што беше прифатена, но сè уште не е реализирана – велат од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање.
(С.Бл.)