Пестицидите и антибиотиците во храната поштетни од ГМО

158

Прашањата кои најчесто се поставуваат околу ГМО храната главно се однесуваат на нејзиното влијание по здравјето на луѓето и покрај тоа што досега ниедна научна студија не потврдила дека ГМО храната е штетна. Научниците и експертите сметаат дека многу поголема опасноста по здравјето на луѓето има присуството на пестициди и антибиотици во храната отколку ГМО

ГМО храната е присутна насекаде во светот, па така и Македонија не може да биде исклучок. Ваквата зголемена распространетост на генетски модифицираната храна, го зголемува интересот како на медиумите така и на јавноста, предизвикувајќи кај потрошувачите огромна загриженост за последиците од нејзиното консумирање. Прашањата кои најчесто се загрижувачки, главно се однесуваат на влијанието по здравјето на луѓето и покрај тоа што досега ниедна научна студија не потврдила дека ГМО храната е штетна врз здравјето на луѓето. Од друга страна, научниците и експертите сметаат дека многу поголема опасноста врз здравјето на луѓето има присуството на пестициди и антибиотици во храната, отколку ГМО храната.
Професорот Среќко Ѓеорѓиевски, од Факултетот за земјоделски науки и храна, смета дека присуството на хормоните, антибиотиците и афлатоксинот е многу поштетно за здравјето на луѓето отколку присуството на ГМО во храната.
И Маријана Лончар-Велковска од Организацијата на потрошувачи на Македонија се согласува со тоа дека поголема штета врз здравјето на луѓето може да има преголемата употреба на антибиотици и пестициди во храната, отколку ГМО храната.
– Ние како потрошувачи имаме право да знаеме каква дали се работи за ГМО храна. Ваквата храна треба да биде декларирана, а самите потрошувачи да одлучат дали ќе користат ГМО храна или не. Ние сме увозно ориентирани, увезуваме пченица, пченка, соја производи кај кои има присуство на ГМО, а особено европски производи каде има праг на толеранција на ГМО во храната од 0,9 отсто. Речиси цел свет ја има прифатено ГМО храната и јас не гледам причина зошто Македонија да не го направи тоа, посебно што нема научни докази дека е штетна за здравјето на луѓето. Сепак, право на потрошувачите е да изберат што ќе консумираат, вели Лончар Велковска.
Според неа ние можеме да се заштитиме со добри хигиенски практики во фармите, стоп за присуство на антибиотици во храната, намалена употреба на пестициди и поголема едуцирање на потрошувачите за ГМО храната.
И директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, смета дека ГМО храната не е толку опасна колку храната третина со пестициди.
– Се доби погрешна слика околу ГМО храната. ГМО храната не е не е толку опасна колку храната третина со пестициди. Пестицидите се поштетни отколку ГМО храна, вели Атанасов.
Во насока на поголема безбедност на храната министрите на владина седница ја прифатија предлог-програмата за мониторинг на безбедност на храната во Република Македонија за 2019 година. За оваа намена се предвидени 7,8 милиони денари, а целта на програмата е одредување на присуството и концентрациите на контаминентите во храната, утврдување присуство на резидуум од пестициди во и на храната, миграцијата на одделни супстанции од материјалите и производите што доаѓаат во контакт со храната, мониторирање можно присуство на ГМО-храна, микробиолошки критериуми и други опасности во храната, како и евалуација на нивното влијание врз здравјето на човекот. (А.С.)