“Песна на Евровизија“: Само “АББА“ со хитот “Ватерло“ направи светска кариера!

163

Вечерва во Тел Авив, Израел со првата полуфинална вечер стартува годинешново 64. по ред издание на популарниот Меѓународен музички фестивал “Песна на Евровизја“.

Фестивалот се одржува од 14 до 18 мај а, ние за прв пат се натпреваруваме под новото име Република Северна Македонија. Под македонско знаме ќе пее Тамара Тодевска (на 16 мај) , а ќе ја пее песната “Горда“ на англиски јазик. Тамара е одбрана интерно од страната на МРТВ која ја има лиценцата за Евровизискиот фестивал. Инаку за овој најпопуларен фестивал од овој тип на кој пред се пеат забавни шлагери и поп-композиции се врзуваат многу интересни работи. „Евровизија“ е формирана во 1956 година од страната на Европската Радиодифузна Унија, а се смета дека манифестацијата ја следат над 600 милиони тв-гледачи.

Од 2000 година е овозможен и преносот преку Интернет. Натпреварот бил осмислен врз основа на веќе постоечкиот италијански фестивал „Санремо“ а, тоа било одобрено на Собранието на ЕБУ кога се донела и одлуката првото издание да се одржи пролетта 1956 година во Лугано, Швајцарија.

Преку “Евровизија“ голем број пејачи ја започнале својата интернационална кариера, како например: Доменико Модуњо,групата „АББА“ која со победата единствено направи светска кариера во онаа вистинска смисла , па Селин Дион , Хулио Инглесијас, Вики Леандрос, Џони Логан, Оливија Њутн Џон, Тото Котуњо, Џиљола Чинквети…. На тоа Првото издание на 24 мај 1956 година во Лугано, Швајцарија, учествувале само 7 земји со по 2 песни. Тоа е единственото издание во кое една земја учествувала со повеќе од 1 песна, па од 1957 година секоја земја има само една песна.

На првиот натпревар учествувале Франција, Италија, Белгија, Луксембург, Германија, Холандија и Швајцарија, која е и првиот победник. Некогашната Југославија исто така имаше една победа и тоа со групата “Рива“, па фестивалот следната година се одржал во Загреб. Инаку, некогашната држава била застапувана од многу познати пејачи: Здравко Чолиќ, Тереза Кесовија, Киќо Слабинац, Лола Новаковиќ, Вице Вуков, Сеид Мемиќ-Вајта, Нови фосили, Даниел, Дубровачки трубадури, Владо Калембер, Беби Дол, Сребрна крила….

Право на учество од пред некоја година имаат и земји кои географски не спаѓаат во Европа, така што низ годините учествуваат и: Израел, Кипар, Мароко, Турција, Ерменија, Грузија и Азербејџан а, од пред две години и Австралија. Правилата на натпреварот се менуваат со текот на годините. Песните кои ќе бидат изведени во живо не смеат да надминат времетраење од 3 минути и мора задолжително да се оригинални, Исто така, не треба да бидат објавени пред 1 септември од претходната година.

Во однос на бројот на изведувачи, актуелните правила дозволуваат најмногу 6 изведувачи на сцена, а сите да бидат постари од 16 години. Ова правило е воведено во 1990 година откако претходната година две учеснички имале 11 и 12 години. Најмладиот победник на Евровизија е Сандра Ким од Белгија која имала само 13 години кога победи во 1986 година. Од 1978 до 1998 година земјите биле обврзани да настапуваат на својот јазик. Од 1999 година тоа се менува и секоја земја има право да избере јазик на кој претставникот ќе пее, а како резултат на тоа сега се случува парадокс да се пее главном на на англиски јазик. Интересно е дека може да се победи и кога се пее на мајчин јазик, како например Марија Шерифовиќ која песната “Молитва“ ја пееше на српски.

Од 2000 година досега, право на директен пласман во финалето (без оглед на освоените бодови) имаат Велика Британија, Франција, Германија и Шпанија, а од 2010 година и Италија. Оваа одлука ја погоди Турција која се повлече од натпреварот. Ирска го држи рекордот со најголем број победи освојувајќи го првото место седум пати, Шведска е на второто место со шест победи, Франција, Луксембург и Велика Британија се на третото место со по пет победи, а четири пати победиле Холандија и Израел. Три победи имаат Данска и Норвешка, а двапати триумфирале Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Швајцарија и Украина.. Според правилата скоро донесени ако две или повеќе земји имаат еднаков број поени, се одземаат поените кои земјите си ги дале меѓусебно и победува земјата која добила повеќе поени од останатите земји.

Македонија како самостојна држава воопшто не се прослави со своето учество.Занимливо е што сите мислат дека нашиот прв претставник беше Владо Јаневски со “Не зори зоро“, но не е така. Нашиот прв натпреварувач беше во 1996 година Калиопи, кога таа победи на „Скопскиот фестивал“ со песната „Само ти“. За жал Калиопи не успеа да се пласира во главната финална вечер. Но, затоа Калиопи заедно со Елена Ристеска досега имаа и најдобри пласмани. Калиопи некоја година подоцна со другата песна со “Црно и бело“, а Ристеска со “Нинанајна“…..останатите македонски претставници или најчесто не стасаа до Финалната вечер или во финалната вечер имаа премногу слаб пласман. Да се надевама дека оваа година со Тамара ќе биде поинаку, најпосле да имаме и ние причина да се радуваме. Дуле М.