Пензионерите го чекаат ветеното, линеарно зголемување на пензиите од 5 илјади

Македонските пензии меѓу највисоките на Балканот, пред нас е само Србија, но сепак се далеку од европскиот просек. Просечната пензија во Србија изнесува 45.731 динари (390 евра), а според податоците на Фондот за ПИО на Македонија, просечната пензија во март годинава изнесувала 21.209 денари (345 евра). Ставот на Сојузот на синдикати е дека пензиите треба да продолжат да растат но линеарно, односно зголемувањето да биде исто за сите. Процентуалното зголемување им одговара само на оние со високи пензии, додека на оние со ниски пензии со процентуално зголемување од 5 отсто, пензиите им се зголемија само за околу 600 денари

21827

Македонските пензии меѓу највисоките на Балканот, пред нас е само Србија, но сепак се уште сме далеку од европскиот просек. Просечната пензија во Србија изнесува 45.731 динари (390 евра), а според податоците на Фондот за ПИО на Македонија, просечната пензија во март годинава изнесувала 21.209 денари (345 евра). Во Црна Гора, просечната пензија е 291 евро, во БиХ – 237 евра, а најмала просечна пензија примаат пензионерите во Албанија – 131 евро. Големи се разликите во пензиските примања што ги добиваат пензионерите во Европа. Според податоците на „Евростат“ највисоки пензии земаат пензионерите од Исланд, а најниски, земјите од Балканот што сè уште не се влезени во Европската Унија.

Ставот на Сојузот на синдикати е дека пензиите треба да продолжат да растат но линеарно, односно зголемувањето да биде исто за сите. Процентуалното зголемување им одговара само на оние со високи пензии, додека на оние со ниски пензии со процентуално зголемување од 5 отсто, пензиите им се зголемија само за околу 600 денари.

-Пензиите треба да растат во согласност со трошоците за живот. Така доколку минималната плата порасне за 2.000 или 2.500 денари за толку да пораснат и пензиите. Зголемувањето на пензиите треба да биде линеарно, а не процентуално, бидејќи брашното, маслото… се зголемени за сите. Процентуалното зголемување на пензиите им одговара на оние со повисоки пензии, а на тие со пониски линеарно. Најголем дел од пензионерите имаат пензија под минималната плата. Овие пензионери со последното процентуалното зголемување на пензиите од 5 отсто, во април добија зголемување на пензиите од околу 600 денари, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Од ССМ сметаат дека платите треба да растат согласно со трошоците за живот и продуктивноста, а пензиите во согласност со трошоците за живот. Исто така, сметаат дека треба да има минимална пензија за да се зачува куповната моќ на пензионерите и да не оставиме некој да живее на работ на сиромаштијата.

-Работниците кои имале повисока плата и подолг стаж имаат и повисока пензија. Поради тоа, сметаме дека треба да растат во согласност со трошоците за живот, а зголемувањето да биде линеарно, односно исто за сите, додаваат од ССМ.

Линеарно зголемување на пензиите од 5 илјади денари, им беше ветено и од страна на ВМРО-ДПНЕ. Поради тоа, пензионерите очекуваат дека партијата која победи на последните избори ќе го оствари своето ветување за линеарно зголемување на пензиите. Инаку според податоците, најголемиот дел од пензионерите во државата, односно 150 илјади од вкупно 330 илјади пензионери, примаат минимална пензија.

Со последното зголемување во април од 5 отсто, најниската пензија во државата изнесува 12.527 денари, а највисоката 73.502 денари.

Според „Евростат“, просечната месечна пензија на ниво на Европската Унија изнесува 1.294 евра. На Исланд, просечната пензија е 2.762 евра, а по неа следуваат Луксембург со просечна месечна пензија од 2.575 евра, Норвешка со 2.438 евра, Данска со 2.417 евра, Швајцарија со 2.138 евра, Австрија со 1.962 евра, Холандија со 1.931 евро, Ирска со 1.906 евра, Шведска со 1.838 евра и Белгија со 1.737 евра. Со овие високи примања за балкански услови, помалку од половина од Европејците веруваат дека ќе имаат доволно пари за да живеат во пензија, што е загрижувачки број.

На дното од листата со најниски месечни примања се пензионерите од балканските земји. Највисока просечна месечна пензија има Словенија – 692 евра, во Хрватска пензионерите добиваат 388 евра, додека просечната пензија на пензионерите во Бугарија изнесува 226 евра.

Од балканските земји, што сè уште не се влезени во ЕУ, највисока просечна пензија се исплаќа во Србија. Просечната пензија во Србија изнесува 45.731 динари (390 евра). Според последните податоци на Фондот за ПИО на Македонија, просечната пензија во март годинава изнесувала 21.209 денари (345 евра). Во Црна Гора, просечната пензија е 291 евро, во Босна и Херцеговина – 474 конвертабилни марки (237 евра), а најмала просечна пензија примаат пензионерите во Албанија – 131 евро.

(А.С.)

Важни промени за пензионерите во БиХ: Добија можност да работат без прекин на пензијата