Пензионерите збунети од математиката на Царовска-ќе се намалат или покачат пензиите?

203

Додека Министерството за труд и социјална политика тврди дека пензиите од 13.754 денари во 2016 година лани пораснале на 14.421 денари, најголемата опозициска партија пресметала дека на пензионерите вкупно им се кратат над два милиона евра

Минатонеделната најава на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на новиот начин на усогласување на пензиите не престанува да ја бранува јавноста. Царовска тврди дека според новиот модел пензиите ќе продолжат да растат. Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, тие ќе се намалат. Во оваа ситуација пензионерите стравуваат за своите примања, а вработените кои се пред пензија се уплашени дека ќе треба да работат до 65, односно 67 години.

Царовска образложи дека Владата не го прифатила предлогот на ММФ и Светска банка финансиската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да се крпи преку замрзнување на пензиите и зголемување на возраста за одење во пензија. Наспроти ова, предвидува фондовската дупка да ја стабилизира со раст на пензиите, но според трошоците на животот и тоа два пати годишно. Наместо поранешното усогласување со платите, што претходната влада го укина, сега се предвидува дополнително усогласување со БДП, но кога тој ќе биде најмалку четири проценти.

Пензионерите ги збуни оваа математика и почнаа да реагираат исплашени од тоа дека примањата ќе им се намалат. Нивниот страв го поткрепи опозициската ВМРО -ДПМНЕ која во неколку наврати потенцира дека доаѓа време кога пензиите ќе се намалуваат.

– Зоран Заев и неговата криминогена влада во просек на секој пензионер ќе му скрати околу 400 денари месечно, обвинија од партијата.

Според нивното појаснување ако просечната пензија во Република Македонија изнесува 15.000 денари, месечно таа ќе се намали за околу 400 денари, но, вкупно пресметано на пензионерите ќе им бидат скратени над 124 милиони денари или над два милиона евра.

– Скандалозно е тоа што во исто време кога се случува качувања на платите на министри и одредени градоначалници власта спроведува кратење на пензии.

Кратењето на пензиите удира безмалку на над 310 илјади семејства во Република Македонија. Им ја намалуваат куповната моќ на пензионерите, од нив создаваат социјални случаи. Наместо достоинствена старост, ги туркаат во економско ранлива категорија. Ветуваа раст на пензии а добивме кратење. Значи повторно излажаа. Неприфатливо е што министерката Царовска дури се заканува дека ако не било ова кратење пензии ќе морало да има раст на старосната граница за пензионирање. Пари во буџетот има, но тие завршуваат за криминал и луксузирање на власта. Едно прават, а друго зборуваа пред изборите кога ветуваа се и сешто. Граѓаните нема да ги трпат овие уцени. Власта брутално ги лаже и си поигрува и со пензионерите и со граѓаните, животот на Заев сега ќе им крати 400 денари месечно на пензионерите или 124 милиони денари вкупно. Затоа мора да заминат што поскоро од владата на Република Македонија, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

На ова Министерството за труд и социјална политика одговори со демант и ја обвини најголемата опозициска партија за манипулација со 300 илјади пензионери.

– Ако некој ги кратеше пензиите тоа беше ВМРО-ДПМНЕ како претходна власт која правеше усогласувања надвор од законската рамка и не им го исплаќаше целото покачување кое им следуваше со Закон. Оваа Влада се грижи за сите граѓани, за сегашните и за идните генерации пензионери и усогласувањето на пензиите ќе го прави два пати годишно и тоа 100% со порастот на трошоците на живот, наместо 50% како што беше претходно. Се воведува и дополнително усогласување на пензиите од 1 април, доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст над 4%, одговорија од ресорното министерство.

Според нивните пресметки Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2015 пензиите ги зголемила за 621 денар и тоа само за 4 месеци. Во 2016 исто така усогласувањето е правено надвор од законската регулатива и пензионерите добија по 654 денари само за еден месец од календарската година.

– На овој начин пензионерите не добиваа усогласување на пензиите во текот на целата година туку два месеца пред избори. Во 2017 година усогласувањето е направено според Закон, а пензионерите за цела година добија покачување од 1.974 денари. Во 2018 година усогласувањето се направи исто така според Закон и покачувањето изнесуваше 4.362 денари за цела година, тврдат од Министерството за труд и социјална политика.

Оттаму додаваат дека актуелната власт во изминатите речиси две години обезбедила стабилна исплата и континуиран раст на пензиите.

Како доказ за тоа ги приложуваат статистичките параметри кои покажуваат раст на пензиите во Македонија. Според тие податоци во 2016 година просечната пензија изнесувала 13.754 денари, во 2017 година 13.954 денари, а во 2018 година 14.421 денари.

– Секој пензионер преку едноставна споредба на пензиските чекови може лесно да пресмета и докаже колкав е порастот на пензиите во изминативе 19 месеци, велат од Министерството за труд и социјална политика.