Пензионерите да се пријават за проектот „Нега на стари лица во домашни услови“

1480

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посети дел од корисниците на проектот „Нега на стари лица во домашни услови“, со цел да чуе дали се задоволни и во која насока тој треба да се продлабочи и унапреди. Преку проектот пензионерите во Центар користат нега во домашни услови од физиотерапевти, негуватели и социјални работници двапати во неделата по три часа.

-Општината преку вакви проекти им помага на највозрасните жители не само за помош во домот или купување продукти, посета на матични лекари и набавување лекови, туку и за социјализација и сè друго што треба за да се помогне. Затоа сакав лично да посетиме некои од корисниците, со нив да поразговараме и слушнеме дали се задоволни и во која насока би требало да го унапредиме и уште повеќе им помогнеме на граѓаните на кои им треба ваква помош – истакна Герасимовски.

Највозрасните сограѓани секојдневно се соочуваат со многубројни предизвици како неможност да ги извршат секојдневните активности во домот поради возраст, неподвижност или болест. Затоа Општина Центар преку овој проект обезбедува асистенција за основните потреби на пензионерите и физиотерапевт за оние што не може да си го дозволат со лични средства.

Општина Центар е единствена општина што обезбедува помош во домовите на своите сограѓани. Проектот „Нега за стари лица во домашни услови“ опфаќа 90 корисници и сите што имаат потреба од проектот може да аплицираат до секој 15 во месецот.

-Ги повикуваме заинтересираните граѓани да аплицираат за проектот и да ги искористат бенефициите. Мерката ги опфаќа лицата со полни 62 години без приходи или со примања до 35.000 денари – се наведува во соопштението на општината.