Пендаровски: Членството во НАТО привилегија, но и огромна одговорност

22
Пристапувањето кон Северноатлантскиот сојуз не е едноставно стапување во членство во меѓународна организација. НАТО е сојуз на држави кој се заснова врз меѓусебна политичка и одбранбена солидарност и врз заеднички вредности. Членството во најмоќниот воен сојуз во светот е привилегија, но и огромна одговорност.

Ова го порача денеска претседателот на државата Стево Пендаровски, на свечената седница за ратификацијата на Предлогот на закон за ратификација на Северноатлантскиот договор.

-Уште од нашето пристапување кон Партнерството за мир во 1995 година ние се обврзавме активно да придонесуваме кон одржувањето на меѓународниот мир и стабилност, особено во борбата против меѓународниот тероризам како најголема безбедносна закана во современиот глобализиран свет. Нашата посветеност кон оваа задача и нашата солидарност со сојузниците во НАТО ја докажавме преку активното учество во повеќе мисии на алијансата во различни региони во светот во изминатите години, порача претседателот на државата на свечената седница.

Напомена дека сега кога и формално ќе станеме триесеттата членка на НАТО, во годината на седумдесетиот роденден на Алијансата, нашата одговорност се зголемува, а реформите не запираат.