Пендаровски тврди дека е следен од тајни служби, од МВР се уште нема официјална потврда

98

„Ме следат остатоци на претходниот режим и тајна разузнавачка служба блиска на голема опозициска партија, за која јавноста веќе беше запознаена. За 10 дена неколку пати се објавуваат фотографии од тоа каде се движам, вели Стево Пендаровски, консензуален кандидат за претседател на владејачката коалиција во интервју за 1 ТВ.

„Ова е само сигнал, насоката во која ќе се движи кампањата за претседател, само што ќе биде уште повалкана. Мене не ми се блиски подземни кампањи, јас ќе одговорам со аргументи и јавно. Остатоците од режимот не смеат да бидат толерирани, тоа е работа на институциите од оваа власт“ – вели тој.

Пендаровски рече дека пред пет години, во време на режим, врз него немало физичко следење, а телефоните му биле прислушувани четири години.

Претседателот на Изборниот Штаб и Генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, денеска истакна оти смета дека кандидатот за претседател Стево Пендаровски е следен од одредени служби. Ова следува откако Пендаровски изјави дека 24 часа го следи тајна разузнавачка служба за која се сомнева дека е блиска со опозициска партија.

„Штом иден претседател на држава изјавува за одредени индиции, алудира за следење од одредени служби од опозицијата, евидентно е дека истите постојат. Тука МВР презеде иницијатива истите да бидат откриени и изведени пред лицето на правдата“, рече генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски.