Претседателот на државата Стево Пендаровски најпрвин ќе се консултира со правни експерти, па потоа ќе го потпише Законот за попис, велат од кабинетот на претседателот. Оттаму додаваат дека ставот на претседателот ќе биде соопштен деновиве, откако истиот ден по донесувањето, претседателот на Собранието, Талат Џафери го доставил законот до шефот на државата заради потпишување на указот за прогласување на законот.
-Претседателот Пендаровски врши консултации со правни експерти за донесениот Закон за пописот и во наредните неколку денови ќе го соопшти својот став, велат од кабинетот на Пендаровски.
Согласно законот, претседателот Пендаровски, во рок од седум дена од денот кога му е доставен законот, треба да го потпише указот за прогласување на законот или писмено да го извести претседателот на Собранието доколку одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Ако шефот на државата одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот согласно Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на државата.
Во меѓувреме, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и вчера го повикаа Пендаровски да не го потпише Законот за попис.
-Пропаднат и фалсификуван попис ќе значи залуден трошок за граѓаните и одговорност за Зоран Заев, затоа е потребно повлекување на законот и целосен консензус. Законот за попис власта го донесе на насилен и криминален начин со злоупотреба на европското знаме. Стандардите за спроведување на овој попис кој што Собранието го донесе имаат застарена методологија и не се усогласени со стандардите на ООН и стандардите на Евростат, предупредуваат од партијата и го обвинија премиерот дека сака да спроведе попис со кој однапред се договорени резултатите од овој процес.
Од оваа партија се децидни дека овој процес нема да биде статистичка туку политичка операција и резултатот од овој попис се веќе договорени проценти од партиите на власта.
-Го повикуваме претседателот Стево Пендаровски, барем еднаш да испадне од сенката на Зоран Заев и овој штетен закон за попис да не го потпише. Доколку Пендаровски го потпише овој закон, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе сите правни и институционални механизми за да се спречи одржување на овој политички процес, наречен попис, стои во соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски порача дека овој попис е крајно политизиран и го повика претседателот Стево Пендаровски, пред да реши дали да го потпише указот за Законот за попис да се консултира со експерти. Според него, овој попис се води по застарена методологија, за која тие сметаат дека не е усогласена со највисоките стандарди од ОН и ЕУ, односно стандардите на Евростат.
– Ние даваме конкретни предлози како може Македонија да направи електронски попис бидејќи имаме капацитет за тоа. Но очигледно немаше слух, рече Муцунски.
Пратеничката од СДСМ Марија Георгиевска, пак, изјави дека најавата од ВМРО – ДПМНЕ за собирање потписи за поднесување закон за поништување на Законот за попис и повикувањето на граѓаните за да го бојкотираат пописот е крајно антидржавно однесување.
– Се надеваме дека во наредниот период ќе ги преиспитаат своите одлуки околу собирањето на потписи заради тоа што деструктивното однесување и повикувањето за непочитување на законот за попис кој е од исклучителна важност за нашата држава и за креирањето на понатамошните политики особено во однос на економијата, изјави Георгиевска.
Собранието го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во 2021 на 20 јануари. Ова законско решение го поддржаа пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ и Беса, и опозициската Алијанса на Албанците и Алтернатива, но за него не гласаше најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Пописот на населението, домаќинствата и становите во Македонија, прв во земјава по 19 години, согласно донесениот закон, треба да се спроведе од 1 до 21 април, оваа година, а за негова доследна реализација ќе биде изготвена методологија и други пропратни документи. (В.С.Н.)