ВМРО-ДПМНЕ продолжува со средбите со помалите парламентарни партии на кои се разговара за промена на изборниот модел, при што денеска се разговарало и за тоа изборниот праг да биде во однос на излезените, а не на запишаните гласачи. Претседателот на државата Стево Пендаровски го поддржува намалувањето на бројот на пратеници од 120 на 90, но предупредува дека пречестото отворање на Уставот носи ризици.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска оствари средби со тројца пратеници, претседатели на политичките партии – ДОМ, Демократската партија на Турците – ТДП и Српската странка во Македонија, на која станало збор за изборниот модел. Со овие средби, посочи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, се прави подготовка предложениот Закон за една изборна единица, што сè уште се наоѓа, како што рече, „во фиоката на спикерот Талат Џафери“, да влезе во процедура и да дојде на комисиска расправа. Тој истакна дека од СДСМ изминатите пет години слушале дека поддржува една изборна единица и тоа го сметаат за „апсолвирано“, но ја бараат нивната поддршка предложениот закон што побрзо да дојде на комисиска расправа за да може сите да се изјаснат и да го подобрат текстот. По однос на други политички партии, Милошоски информираше дека утре ќе имаат средба со пратеници од пратеничката група на БЕСА.
„Ќе разговараме на истиве теми, а по однос на изборниот праг немаме утврдено колку би требало да изнесува истиот. Она што го споделуваме со досегашните соговорници е дека колкав и да биде изборниот праг, истиот треба да се однесува според бројот на излезени гласачи, а не на запишани гласачи. Колкав ќе биде, ќе треба да се утврди во една поширока дебата”, изјави Милошоски.
ДОМ се залага за изборен модел со една изборна единица без изборен праг и отворени листи на кои 50 проценти ќе бидат жени на листите, изјави пратеничката Маја Морачанин, претседателка на зелената партија ДОМ, по средбата со претставници на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој закон што е поднесен во април, на кој еден од предлагачите сум и јас, се однесува за отворени листи за локални избори и 50 проценти жени на листите и за парламентарни и за локални избори. Во тој момент кога го поднесувавме законот имаше расположение меѓу предлагачите и тоа беше, нели, во периодот пред локалните избори, да се отворат листите за локалните избори. Тоа не се случи, но сметаме дека тоа е многу важно прашање и затоа и понатаму ќе инсистираме на разгледување на овој Предлог-закон“, рече Морачанин.
И Демократската партија на Турците на Македонија е за да се воведе „пропорционален модел“ со „една изборна единица“ без изборен праг.
Претседателот Пендаровски смета дека намалувањето на бројот на пратеници би бил добар потег во однос на смалувањето на трошоците. Но, од друга страна, тоа повторно би го отворило Уставот, што носи ризик од дополнителни промени.
„Познато е дека ние имаме гломазен државен апарат и Собранието влегува во тој државен апарат. Сè што оди на редуцирање на трошоците на граѓаните и на намалување на буџетот во тој дел јас го поддржувам. Меѓутоа, во политичкиот дел е секојпат проблематично кога го отворате Уставот. Мој став е дека Уставот ние во изминативе години премногу често го отворавме“, рече Пендаровски.
Артан Груби од ДУИ, прв заменик-премиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, рече дека измените на Изборниот законик и измените на Уставот мора да се направат со консензус на политичките партии. Тој додаде дека ДУИ во овие уставни измени сакаат да влезе и укинување на ограничувањето од 20 проценти за употреба на албанскиот јазик.
(И.С.)