Пендаровски му дише во врат на Димитров

135

Интензивните консултации за дефинирање на консензуалниот кандидат ќе завршат до крајот на неделава – оптимисти се од владејачката гарнитура, иако се чини дека договорот е се подалеку.

Најавена и потврдена сепак пропадна договорената средба меѓу лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села и лидерот на СДСМ Зоран Заев околу можниот заеднички претседателски кандидат. Иако првично ја прифатил понудата, Села се премислил за средба по одлуката за одземање на ингеренциите на градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.

Заев остава простор за натамошна комуникација и, како што вели, го разбира револтот, но законите мора да се спроведуваат.

– Го сфаќам револтот, драго ми е што се слушнавме со Зијадин Села и веројатно ќе најдеме друг начин на комуникација кој ќе конвергира кон оваа важна одлука за државата. Останувам оптимист. Не можам да кажам дали сум сигурен заради тоа што допрва следуваат одлуки на органи и тела на политичките субјекти со кои се сретнав и со кои ќе се среќавам, изјави Заев, посочувајќи дека очекува позитивен поттик за целиот процес.

Од Алијансата на Албанците се налутија поради тоа што Министерството за образование му ги одзема ингеренциите во образованието на нивниот градоначалник во Гостивар, Арбен Таравари.
Градоначалникот Таравари пред два дена на својот фејсбук-профил објави дека повторно му се одземени ингеренциите во образованието и тој ги обвини ДУИ за оваа одлука во Министерството за образование.
За утре е најавена средба меѓу Зоран Заев и лидерот на Беса, Билал Касами. Претходно Заев се сретна со Ахмети, Тачи и Гаши со кои се договори консултациите да продолжат во партиските органи за тоа кој би можел да биде консензуален претседателски кандидат. Во исто време партиските органи на СДСМ и ДУИ односно нивните организациски секретари до крајот на неделава ќе ги продолжат консултациите за можен зеднички претседателски кандидат.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу е оптимист дека Заев и Ахмети ќе се договорат за консензуален кандидат и дека за него ќе обезбедат и партиска и граѓанска поддршка.

-Имавме лошо искуство со сегашниот претседател тој беше претставник само на една етничка заедница и беше исклучив за Албанците. Денес мислам дека времињата се сменети, не е ова 90 година, и мислам дека свесноста кај граѓаните за неминовноста на соживотот со албанската заедница е на високо ниво. Сметам дека Заев и Ахмети ќе се договорат за консензуален кандидат што ќе биде прифатлив за сите и кој ќе ги претставува и обединува сите граѓани, додава Муслиу во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Имиња на кандидати засега јавно не соопштуваат, но неофицијално, според извори на ВЕЧЕР од четирите имиња кои важеа за фаворити на “Бихаќка” во игра останале само двајца. Според истите извори, на преговарачката маса се мерат впечатоците за шефот на дипломатија Никола Димитров и координаторот за НАТО Стево Пендаровски.

Според информациите, Димитров и Пендаровски имале најдобри резултати од истражувањето на јавното мислење во СДСМ, а биле прифатливи и за интегративците на Ахмети.

За албанскиот блок прифатливи се и двајцата, со оглед на фактот што и Димитров и Пендаровски истуркаа една сериозна работа, и како профили и двајцата би поминале кај албанскиот електорат.

Вчера заврши и партискиот оглас на СДСМ за пријавување кандидати за претседател на државата, а официјално е позната само кандидатурата на поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов.

Според роковникот на Државната изборна комисија рокот за кандидирањето за претседател на државата е до 21 март, односно 30 дена пред одржувањето на првиот круг од гласањето закажано за 21 април.