Во новата година да бидеме подобри, посолидарни, потолерантни и како поединци и како заедница, вели претседателот Стево Пендаровски во новогодишната честитка до граѓаните на Република Северна Македонија.
Зад нас, како што посочува, е уште една тешка година во која немавме многу причини за радост и славење.
-Глобалните кризи, заедно со нашите хронично присутни домашни проблеми, придонесоа повеќе да размислуваме за ублажување на последиците, отколку за развој.
Ефектите ги гледаме околу нас: апатија, недоверба и разочараност кај граѓаните, наведува Пендаровски.
Претседателот вели дека низ историјата сме поминале и низ многу потешки времиња и не сме ги загубиле вербата и надежта и затоа е потребно е да се вратиме на вредностите кои му даваат смисла на животот.
Во новата година да бидеме подобри, посолидарни, потолерантни и како поединци и како заедница. Да ги надминеме недоразбирањата кои со години нè држат во место, порачува тој.
Наместо на трката по материјални добра, да ѝ дадеме приоритет на добрината, да си помагаме едни на други, да градиме хумано и благородно општество, вели Пендаровски.
Шефот на државата на граѓаните во новата 2024-та им посакува пред сè добро здравје.
-Без разлика на етничката, политичката, религиозната, родовата или каква било друга припадност, сите живееме под едно исто небо, го дишеме истиот воздух, заедно делиме и добро и лошо.
И со заеднички напори можеме да ѝ донесеме просперитет на нашата мала, но преубава татковина, истакнува претседателот Пендаровски во новогодишната честитка.