КАКВО ВРЕМЕ НЕ ОЧЕКУВА ВО АВГУСТ? Летото продолжува со полна пареа – Попоски најави сув и натпросечно топол месец

2485

Во претстојниот месец, август, повторно очекуваме многу топло време и натпросечно високи температури на воздухот. Тоа значи дека оваа година месец Август ќе биде потопол за 1 до 2 степени, а врнежите ќе бидат потпросечни, односно претстојниот месец ќе биде посув од вообичаеното, прогнозира Славчо Попоски.

Овој топол бран кој ја зафати нашата територија, во следните денови ќе зема замав и температури на воздухот насекаде во Македонија ќе надминуваат 30 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели, како и во Скопската котлина температурата ќе се искачи до околу 40 степени. Сепак, во следниот период во атмосферата ќе ни биде присутна и Сахарската прашина и песок, па така времето ќе биде мачно и спарно а температурите ќе ги чувствуваме како да се повисоки од реално измерените.

Само за време на викендот ќе имаме краткотрајна дестабилизација на времето, кога ќе има локална појава на пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за локално невреме.

Ув индексот и во следните денови ќе има многу висока вредност и ќе има коефициент некаде помеѓу 8 и 9, вели метеорологот во својата последна прогноза за времето.