Младиот фудбалер на Барселона, Педри Гонзалес, гостуваше во една емисија каде меѓу другото зборуваше за поранешниот и сегашниот тренер, Чави Хернандез и Ханси Флик.
Прво во емисијата кажа дека англискиот не му е јака страна: „Јас? Англиски? Премалку“, прокоментира низ смеа.
Играчот за врска се присети на една неодамнешна приказна која се случила пред дуелот во Лигата на шампионите, кога му било кажано да се фотографира со актер кој бил на влезот во тунелот од соблекувалната.
Станувало збор за Том Хидлстон кој го игра Локи во светски познатиот филм „Тор“, а Педри си помислил дека треба само да се слика и тоа е тоа.
На негово изненадување, кога му пришол, славниот актер на Марвел не сакал да се фотографира, туку само имал пријателски разговор со него. Педри се пошегува за големите проблеми што ги имал при разбирањето на она што го кажувал актерот, дури и призна дека се одлучил за класичното „да, да…“ за да се извлече од ситуацијата и да покаже дека го следи текот на разговорот.
Заедно со оваа забавна анегдота, Педри потсети на некои од принципите во однос на правилата на поранешниот тренер на Барса, Чави Хернандез, кога тој беше на чело на тимот.
Зборуваше за санкциите, претежно од економска природа, со кои се казнувале фудбалери кои доцнеле со обврските. Доколку доцнеше фудбалерот, за секоја минута доцнење мораше да плати сума од 1.000 евра. Со секоја дополнителна минута од таа прва, сумата се удвојува.
„Осумката“ на Барса тврди дека со Флик е поинаку, односно дека сега е уште полошо – ако играчот доцни, нема да биде стартер или воопшто нема да игра на некој од следните натпревари.
„Методите се различни, но сигурно ве тераат да дојдете на време. И двајцата многу се грижеа за дисциплината. Има тренери кои тоа го прават на минута, на пример пет минути се 5000 евра. Но, со пет доцнења, тоа е многу за*бано, откри Педри и појасни дека парите се донираат или се користат за правење тимски оброци.
Репрезентативецот на Шпанија откри дека и него му бил олеснет паричникот. Експедицијата на Барса пред неколку месеци се врати од европско патување околу 4 часот наутро, но утредента беше закажан тренинг во 12 часот. Педри не се разбудил на време, а кога погледнал во мобилниот, видел многу пропуштени повици од соиграчот Феран Торес и од вработениот во клубот Карлос Навал.
“Не знам зошто не ми заѕвони мобилниот, имав десетици пропуштени повици. Се облеков за 30 секунди, дојдов и ме чекаа да закрепнам, одев црвен како домат”. изјави Педри. Поради ова, играчот, кој е роден на Тенерифе ја плати казната, иако објасни дека цената зависи од тренерот и договорените услови и дека сепак е многу полошо ако доцните, на пример, на натпревар или ако доцните на тренинг.
Педри е во Барселона од 2019 година, кога беше донесен од Лас Палмас за 23 милиони евра. Една година беше на позајмица, а од летото 2020 година е незаменлив член на каталонскиот тим.
Пред неколку дена, репрезентативецот на Шпанија ги потврди пласираните шпекулации дека е прашање само на време кога ќе ја продолжи соработката со каталонскиот гигант. Челниците на Барса сакаат Педри да остане на „Ноу Камп“ најмалку до 2030 година, а шпанските медиуми открија и дека во неговиот договор ќе има и ослободителна клаузула која ќе се активира само доколку официјалната понуда не биде помала од милијарда евра.
Идентичен таков договор и идентична ослободителна клаузула му е понудена и на тимскиот колега на Педри од средниот ред, Гави, кој исто така планира да остане во редовите на Барселона и во следните неколку сезони.
Кога е во прашање актуелната сезона, Педри до сега има забележано 17 настапи и постигна три гола со две асистенции. Со Барса му оди одлично, клубот моментално е лидер во Ла Лига со четири бода повеќе од Реал (М), додека во Лигата на шампионите има биланс од четири победи и еден пораз.