Патувањето низ Европа станува сè потешко, за влез во Шпанија само број на чевли не се бара !?

1040

Под изговор дека сакаат да ја подобрат безбедноста, шпанските власти сега од туристите освен пасош им бараат повеќе податоци, како на пример пол, име, датум на раѓање, домашна адреса, број на мобилен телефон, адреса на е-пошта, детали за банкарската сметка. Истите податоци властите ги собираат и кога некој првпат изнајмува автомобил. Холандија, која од понеделник почнува со гранични контроли, станува осма земја од Шенген зоната која ја применува таа практика, а за помалку од шест месеци за влез во земјите на ЕУ ќе се бара ЕТИАС дозвола која ќе се плаќа седум евра

 

Патувањето низ Европа станува потешко од досега и тоа не само за Балканците, туку и за жителите на земјите на ЕУ.

Во мај стапува на сила долгонајавениот ЕТИАС систем на Унијата, преку кој ќе се бара дозвола за влез во неа, за што ќе се плаќаат седум евра. Но, во меѓувреме, сè повеќе земји кои се во Шенген зоната воведуваат гранични контроли со образложение дека сакаат да ја ограничат илегалната имиграција.

Шпанија не е меѓу тие земји, но е најдрастичен пример на одвраќање на туристите. Од понеделникот таму се во сила нови правила за собирање податоци од патниците. Оние кои патуваат во Шпанија сега ќе мора да се справат со дополнителна бирократија при пријавување престој во хотели, куќи за гости, апартмани и други видови сместување. Под изговор дека сакаат да ја подобрат безбедноста, шпанските власти сега од туристите бараат повеќе податоци од обично, па дури и такви со кои се повредува нивната приватност. Како што пишува Индепендент за сите над 14 години на надлежните служби во државата треба да им се достави: полно име, број на пасош, датум на раѓање, домашна адреса, број на мобилен телефон, адреса на е-пошта, детали за банкарската сметка. Исто така, од возрасните ќе се бара да го објаснат односот што го имаат со децата.

И ова не е сè. До шпанските власти ќе бидат проследени и лични податоци и податоци за кредитна картичка на луѓето кои првпат изнајмуваат автомобил.

Шпанските туристички работници сметаат дека новите мерки ќе доведат до негативни реакции кај туристите и ќе создадат метеж за време на приемот во сместувањето поради обемната бирократија. Туристичките агенции наведуваат дека со овие постапки ќе се наруши приватноста на луѓето.

Од понеделник нема да биде едноставен влезот на туристите и во Холандија. Оваа земја, која е дел од Шенген зоната, почнува со гранични контроли. Мерката ќе биде во сила шест месеци, ќе се спроведува главно без службеници, а како што објасни министерот за азил Маржолеин Фабер, насочена е кон сузбивање на нерегуларната миграција и криумчарењето мигранти.

Од синдикатот Марвер за Телеграаф.Нл. изјавија дека граничните премини, или барем повеќето од нив, ќе бидат без екипаж бидејќи едноставно нема персонал за распоредување.

-Слушам остри зборови од Хаг за построгите контроли. Можеби министерот не провери колку е намален нашиот капацитет во изминатите 25 години, рече Свен Шуитема, од синдикатот Конинклијке Марехаусе, во кој членуваат полициските службеници кои работат како дел од холандската армија и се одговорни за безбедноста на границите.

Според него за значително поголемо присуство долж границата ќе бидат потребни стотици дополнителни луѓе, а за одржување на сите гранични премини 24/7 ќе бидат потребни илјадници дополнителни луѓе.

-Од 9 декември почесто ќе проверуваме повеќе луѓе. Колку често и колку опширно ќе проверуваме зависи од ситуацијата, изјави Шуитема за весникот.

Сепак, постојат сомнежи околу ефективноста на дополнителните проверки на само неколку премини, за што на Марехаусе не му е дозволено да ги одвраќа барателите на азил на границата.

Холандија не е единствената земја членка на Шенген која во моментов одржува гранични контроли. Таа всушност е осма која ја применува таа практика, по Германија, Данска, Франција, Италија, Норвешка, Шведска и Словенија.

Уште една пречка за лесно патување низ Европската Унија од мај ќе биде воведувањето на долго најавуваниот ЕТИАС (Европски систем за информации и овластување за патување), чија задача е да собира информации за патниците кои патуваат без визи во Европската Унија и да осигури дека поединците кои се сомнителни во контекст на безбедноста ќе бидат идентификувани пред да им биде дозволено да патуваат низ Шенген зоната. За да влезат во земјите од ЕУ оние кои патуваат без визи со пополнување формулар ќе мора да аплицираат за ЕТИАС дозвола, за чие издавање ќе платат седум евра. Дозволата ќе биде поврзана со пасошот и ќе трае три години. По вадењето нов пасош ќе се аплицира за нова дозвола за влез во ЕУ.

Туристичките експерти уште сега советуваат да се внимава како се пополнува формуларот, зашто најмала грешка,на пример употреба на бројот 0 наместо буквата О или обратно може да биде причина за одбивање.

-Внимателно разгледајте го формуларот за апликација и поправете ги сите грешки пред да го поднесете. Доколку згрешите, најбрзиот и најзгодниот начин е да поднесете нова апликација за овластување за патување, користејќи ги информациите од вашата претходна апликација и исправање на грешката, советуваат експертите и додаваат дека ако грешката е мала, на пример печатна, да побарате да се коригира, но тоа може да трае 30 дена.

Ако ЕУ одбие да ви издаде ЕТИАС дозвола, имате право на жалба. Но, велат експертите, причина за загриженост нема, зашто тоа би се случило во одредени ситуации, како на пример да ве сметаат за ризичен за безбедноста, ако користите украден или изгубен пасош, ако претходно ви бил одбиен влез и друго.