Работниците кои кризата ги оставила без работа, без разлика дали самите дале отказ или ги отпуштил работодавецот, добиваат право два месеца да користат надомест за невработеност преку Агенцијата за вработување. Згрижувањето на овие лица на овој начин е овозможено со Уредба со законска сила која се однесува на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, што Владата ја донесе на последната седница.

 

Со уредбата е предвидено невработените на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април годинава да можат два месеца да примаат половина од нето-платата што ја примиле последниот месец пред да останат без работа. Но, овој надоместок што ќе го добиваат нема да биде поголем од 80 проценти од просечната месечна нето-плата по работник објавена за последниот месец. Последната објавена нето-плата по работник во државата е за март и според Државниот завод за статистика изнесува 26.422 денари.

-Овој надомест се исплатува во случај кога работниот однос му престанал со давање писмена изјава од страна на работникот, кога спогодбено му престанал работниот однос или кога работниот однос му престанал со отказ од страна на работодавачот, за времетраење од два месеца, сметано од престанокот на работниот однос. Со донесување на Уредбата ќе се обезбеди материјално обезбедување и на невработени лица на кои работниот однос им престанал не по нивна вина и волја, појаснуваат од Владата.

Финансиска поддршка е предвидена и за филмските работници, уметниците и другите физички лица кои вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба. Со посебна Уредба за април и мај тие ќе добијат по 14.500 денари.

И компаниите треба да очекуваат нови кредити. Најавени се кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од ковид-19. Владата го усвои правилникот за овој инструмент на поддршка, кој се однесува на микро, мали и средни претпријатија. Средствата кои ќе се доделуваат ќе зависат од големината на компанијата.

Како што информираа од Владата, оваа поддршка ќе се реализира преку јавен конкурс со траење 15 до 30 дена. Микро претпријатијата преку овој механизам за реализација на проекти ќе можат да добијат до 750 илјади денари, малите до 1,5 милиони денари, а средните најмногу три милиони денари. Притоа, компаниите треба да обезбедат сопствено учество од не помалку од 30 отсто од вкупниот буџет на проектот.

-За Правилникот обезбедена е согласност од Светската банка, како финансиски партнер во реализација во рамки на Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации, велат од Владата.

Истовремено, Владата даде виза 117 компании да ги добијат бескаматните кредити од линијата КОВИД 2 што им ги одобри Развојната банка преку која се доделуваат.

-Владата ја усвои Информацијата за барањата кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик бр.1 за кредити од Кредитната линија од Компензационите фондови од странска помош со цел намалување на последиците од коронавирусот ковид-19, и го потврди предлогот на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје со кој на 117 компании кои вработуваат 3.001 лица, им се одобрени кредити во вкупен износ од два милиона евра, соопшти Владата.

Оттаму појаснија дека од 117-те апликанти половината, или 58 се компании со најмногу 10 вработени, 37 проценти или 43 имаат до 50 вработени и 14 отсто, или 16 или се компании кои вработуваат до 250 лица.

–Одобрени се два милиона евра досега, со кои се поддржуваат: 58 микро, 43 мали и 16 средни компании – или вкупно 3.001 работни места. За оваа кредитна линија има огромен интерес од страна на компаниите. Барањата се обработуваат и процесираат од страна на Развојната банка, по што со одобрените се потпишуваат договори и се исплаќаат средства, напиша на Фејсбук министерката за финансии Нина Ангеловска.

Таа додава дека овие кредити се од 3.000 до 90.000 евра, каматата е нула проценти, рокот на отплата е три години со 12 месеци грејс-период. Вкупно преку КОВИД 2 линијата се доделуваат осум милиони евра, а кредитите се наменети за фирми од сите дејности. На оваа кредитна линија ѝ претходеше уште една со бескаматни кредити – КОВИД 1, наменета за трите дејности кои беа најпогодени од кризата – транспортот, туризмот и угостителството, а таа е целосно исцрпена.

На последната седница Владата одлучи да и овозможи на јавноста подобар увид во собирањето и трошењето на средствата од буџетот, како и во сите нефинансиски донации наменети за справување со кризата ковид-19. Донесена е одлука за зголемување на фискалната транспарентност која произлегува од зголемениот број на интервентни и итни јавни набавки, воспоставување на фондови за донации од правни и физички лица од земјата и од странство и користење на средства од меѓународни извори за справување со последиците од кризата со коронавирусот.

-Реализацијата на фискалната транспарентност ќе се оствари со преземање на низа мерки како што се надградба на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) што ќе овозможи обележување на јавните набавки поврзани со кризната состојба за пандемијата, надградба на порталот Отворени финансии со делот ковид-19, и со дополнување на веб-страницата коронавирус.гов.мк за објавување на податоци поврзани со фискална транспарентност со кризата ковид-19, на кои освен податоците добиени од ЕСЈН и податоци од порталот Отворени финансии, ќе се објавуваат и останати податоци кои не се достапни на овие електронски системи, појасни владината прес-служба.

(С.В.)