Филмот „Паразит“ од Јужна Кореја на режисерот Бонг Џун Хо, кој со македонскиот „Медена земја“ беше во конкуренција за Оскар за најдобар странски филм, ја доби златната статуетка и во оваа категорија, но и во категоријата за најдобар филм.

Самиот режисер Бонг Џун-Хо  го опишал филмот како „комедија без кловнови и трагедија без негативци“. Во 2019 година, филмот ја освоил „Златната палма“ на Канскиот филмски фестивал, како првиот јужнокорејски филм што се закитил со оваа награда.

„Паразит“ претставува смеса од повеќе жанрови: црна комедија, социјална драма, сатира, хорор и трилер. Филмот претставува возбудливо и непредвидливо остварување со јасна социополитичка позиција.

Четиричленото семејство Ки-Тек кое живее во влажен подрумски стан и секојдневно ги гледа минувачите по тротоарот заработува така што склопува кутии за пица. Еден ден, синот Ки-ву добива работа како приватен учител по англиски јазик во едно богато семејство кое живее во луксузна куќа на ридот. Служејќи се со итрини, другите членови на семејството успеваат да ги избркаат слугите во куќата и да ги заземат нивните места…

Со двете награди тој стана прв интернационален филм кој ја добива и наградата Оскар за најдобар филм. Бонг Џун Хо пак, се закити и со статуетката за најдобар режисер, а филмот доби Оскар и за најоригинално сценарио.

 

 

Хоакин Феникс го освои Оскарот за најдобар актер, за филмот „Џокер“, а Рене Зелвегер за најдобра актерка за филмот “Џуди“. За најдобри споредни улоги Оскар добија Бред Пит и Лора Дерн.

Во конкуренција за најдобар документарен филм, во кој беше номиниран и нашиот „Медената земја“, победи „Американска фабрика“.