Папата Франциск, врховниот поглавар на Католичката црква, како и водачите на протестантските цркви во Англија и Шкотска, ја осудија криминализацијата на хомосексуалноста.
Говорејќи пред новинарите по посетата на Јужен Судан, Папата рече дека таквите закони се грев и „неправда“.
Тој додаде дека луѓето со „хомосексуални тенденции“ се Божји деца и треба да бидат добредојдени во црквите.
Неговите коментари беа поддржани од надбискупот од Кентербери, Џастин Велби, поглавар на Англиската црква, како и Ијан Гриншилдс од црквата на Шкотска.
Велби и Гриншилдс беа со папата во Јужен Судан, каде заедно повикаа на мир во земјата разурната од војна.
„Целосно се согласувам со секој негов збор“, рече надбискупот Велби, додавајќи дека Англиканската црква има внатрешни поделби околу правата на хомосексуалците.
Англиканската црква минатиот месец објави дека нема да дозволи истополови двојки да се венчаат во нејзините цркви.
Гриншилдс, исто така, изрази поддршка за изјавата на Папата, повикувајќи се на Библијата.
„Никаде во четирите евангелија не гледам ништо друго освен Исус да изразува љубов кон сите што ќе ги сретне, а како христијани тоа е единственото нешто што можеме да му го дадеме на секое човечко суштество во секоја ситуација“.
За време на прес-конференцијата, Папата го повтори својот став дека Католичката црква не може да дозволи брак на истополови двојки.
Сепак, тој исто така рече дека го поддржува таканаречениот граѓански брак и нагласи дека законите што ја забрануваат хомосексуалноста „се проблем што не може да се игнорира“.
Тој изјави дека 50 земји „на еден или друг начин“ ги криминализираат ЛГБТ луѓето, а околу 10 земји имаат закони кои предвидуваат смртна казна.
Во моментов, 66 членки на Обединетите нации ги криминализираат истополовите односи, покажуваат податоците на Меѓународната асоцијација на лезбејки, геј, бисексуалци, транс и интерсексуални жени.
„Ова не е правилно. Луѓето со хомосексуални склоности се Божји деца“, рече Папата.
„Господ ги сака. Господ ги следи… Да се осуди таков човек е грев“.
Според сегашната католичка доктрина, геј врските се нарекуваат „девијантно однесување“.
Папата претходно изјави дека е „загрижен“ за „сериозното прашање“ на хомосексуалноста кај свештенството, а во 2013 година го потврди ставот на црквата дека хомосексуалните дела се грешни.
Сепак, тој потоа додаде дека самата хомосексуална ориентација не е грешна.
Пет години подоцна, при посетата на Ирска, тој истакна дека родителите не треба да се откажуваат од ЛГБТ децата, туку треба да ги сакаат и да ги поддржуваат.