Паничниот напад на сведокот Гоце Трајковски бил всушност панично бегство од полицијата?

Клучниот сведок за убиствата на Вања и Панче осомничен за подметнување на пожар

2713

На брифинг со новинарите, скопскиот обвинител Гаврил Бубевски откри дека клучниот сведок за свирепото двојно убиство, Гоце Трајковски, е во бегство бидејќи полицијата го сомничи за тешко кривично дело направено пред точно еден месец.

Трајковски кој не доаѓа да сведочи веќе на неколку судски рочишта, против Палевски и дружината, всушност  се барал со потерница за тешко дело Подметнување пожар на 13 ноември, со што го загрозил животот на станарите во зградата во скопската населба Кисела вода. Осомничен е дека со уште двајца запалил кафуле на приземјето. Според обвинителот Бубевски другите кои се во притвор дале изјави и го посочиле Трајковски дека бил со нив. Со оглед на тоа што неколку пати судот го повикува да сведочи за убиството на Вања и Панче, а него го нема да се појави, Бубевски кажа дека ако не го најдат органите на прогонот, неговата изјава дадена во истрагата ќе биде прочитана на едно од наредните рочишта во Кривичниот суд.

На 15 ноември, на судењето за убиствата на Вања и Панче сведочеше неговата мајка Кираца Трајковска, која пред судот го оправда неговото отсуство со објаснувањето дека Гоце имал паничен напад и висок притисок, а тој всушност, според информациите од ОЈО Скопје и бега на полицијата, по пожарот во чие подметнување учествувал.

Според сведочењата на Трајковска таа и нејзиниот син Гоце преку гледање на снимки прибавени од камерите на куќи, кафичи, фризерници околу зградата каде е киднапирана Вања сами го поврзале исчезнувањто на девојчето со велешанецот Панче по кој пак се трагало веќе неколку дена.

Судењето продолжува на 16 овој месец и влегува во фазата на изведување на материјални докази. Обвинителството на брифингот кажа дека и натаму стојат на мотивот убиство од користољубие и така ќе терале до самиот крај. (П.А)