Затворениците скапо ја чинат државата, во зависност од тоа каде ја одлежува казната, еден затвореник дневно чини 35 евра или на годишно ниво тоа се 10 илјади евра, пресметал директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов. Решението го гледа во употребата на казнени алки, кои се ставаат на ногата на осуденото лице, и така полицијата го следи неговото движење, како и во изрекувањето условни прекини на затворските казни за да се растоварат затворите од моменталната пренатрупаност.
– Во затворите имаа околу 400 затвореници што се со А-третман, значи одреден дел од нив, повеќе од 100, излегуваат наутро од 7:00-8:00 часот, зависи како им е работниот договор, до 16:00-17:00 часот попладне. Ако веќе така може да излегуваат тие и да ги повторуваат, еве, своите кривични дела од претходно, зошто не направиме да ги „ослободиме“ тие луѓе, да имаат условен прекин на казната? Доколку би се изрекувале условни прекини, кога би се ставале алки, јас сум оптимист дека ако не до крајот на оваа, на почетокот од следната би се ставиле во функција, тие затвореници ќе може да си ги одлежуваат своите казни во домашни услови – рече Пандов на работилницата на тема „Предизвици во надминување на затворската пренатрупаност – условен отпуст, електронски надзор и третман во функција на успешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица“, во организација на Македонското здружение на млади правници и на Македонското пенолошко друштво.
Во државата има 2.400 затвореници и уште толку чекаат да влезат во затворите, велат од Управата за извршување санкции. Директорот на Управата, Пандов, предвидува дека намалувањето на затворската пренатрупаност може да се направи на три начини: преку условен отпуст, електронски надзор и подобра ресоцијализација на осудениците, затоа што 60 проценти биле повратници.
Комитетот за превенција и борба против тортурата, следната недела, од 7. до 10., треба да ги посети затворите и повторно да направи контрола. Досега земјава требаше да има нов затвор во Идризово, но направена е само прва фаза, бидејќи парите што се обезбедени се под мораториум. Пандов се надева дека од Комитетот ќе ги одмрзнат средствата и дека следната година ќе се продолжи со градбата. Најави целосно ново притворско одделение за 400 лица во „Идризово“.
– Ние ќе имаме супер нов притвор во самиот затвор „Идризово“ и главниот централен притвор во Македонија би бил во Идризово, со над 400 кревети капацитет и би имале современ, затворен дел, каде што се со најтешки казни, каде што лежат затворениците над 10-15 години, односно и доживотно. Имаме ние 50 доживотни казни во Македонија и се надевам дека до крајот на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ сè ќе биде изградено и дека ќе биде ставено сето тоа во функција – изјави Пандов.
Судијката од Основниот суд Скопје 1, Билјана Коцевска, смета дека нема потреба од носење закон за амнестија со цел да се намали пренатрупаноста во затворите. И таа е на линија со Управата, дека треба поголема примена на условниот отпуст и носење безбедносни алки. Имаме закон, само треба да се применува, смета судијката. Ги охрабри своите колеги да изрекуваат поголеми условни отпусти со заштитен надзор, како и примена на електронскиот надзор од причина што, како што нагласи, неколкуте закони за амнестија што беа донесени досега не ја постигнале целта и, можеби, само моментално се намалува пренатрупаноста во затворите, но за многу кратко време повторно има пренатрупаност во затворите.
Поразително, вели Коцевска, е што бројот на изречени условни осуди со заштитен надзор во другите судови е речиси нула.
Од Здружението на млади правници ја поддржуваат практиката – повеќе условни осуди со заштитен надзор, што би значело дека ќе има пробациски канцеларии, кои ќе го следат поведението на оние што се отпуштени и притоа ќе може да дадат извештај – известување до судот доколку не ги следат мерките, повторно да се вратат во затвор.
– Факт е дека стапката на затвореници повратници е сè уште висока, секое второ лице што е во затвор, всушност, е повратник и за таа цел мора да се работи заеднички. Од аспект на заедничка работа, многу е битно дека треба да постои меѓуинституционална соработка. Ова е еден сеопфатен процес во кој треба секој, согласно со својата надлежност, да помага да не се вратат повторно овие лица во затвор – вели Ирена Здравкова од Здружението.