Пандемијата го намали интересот за вадење дозволи за берење на шумски плодови во Кавадаречко

92

Пандемијата од коронавирус го намали интересот за берење на шумски плодови во Кавадаречко, годинава 25 лица извадиле дозвола за берба на производи од природата. Оваа информација ја потврди за МИА, магистер Петко Ристовски, шеф по заштита на шуми во подружницата „Бор”, при јавното претпријатие „Национални шуми”.

-Бројот на заинтересирани за берба на шумски плодови е малку поголем од лани кога имаше извадено 19 дозволи, но многу помал од пред пет години, кога издадовме дури 75 потврди за дозволена берба на плодови во шума, појасни Ристовски.

Тој додаде дека намалениот интерес за берење шумски плодови се должи и на екстремно високите температури, пожарите и намалениот принос кај шумските растенија, меѓу другото, како последица и на зимско мрзнење. Порано во кавадаречко на шумска берба иделе и од други општини, а минатата година и сега, дозвола за такво нешто извадиле само локални жители.

Една дозвола чини 400 денари и важи за цела календарска година.