Палестинка загина во нови судири на границата меѓу Газа и Израел

55

Една Палестинка загина денеска при нови судири меѓу палестински демонстранти и израелски војници на границата меѓу Појасот Газа и Израел.

Како што јави ДПА, повикувајќи се на извори во палестинското Министерство за задравство, при судирите се повредени околу 25 Палестници, кои во најголем дел имаат прострелни рани.

Израелската Армија соопшти дека во текот на денот околу 12.000 Палестинци се собрале на протести на повеќе локации долж граничната линија меѓу Појасот Газа и Израел.

Претставник на Армијата информира дека Палестинците палеле автомобилски гуми и фрлале „камења, експлозиви и бомби“ кон израелските војници.

Тој соопшти и дека двајца палестински демонстранти успеале да ја прескокнат оградата долж граничната линија и влегле на израелска територија, по што војниците стрелале кон нив и ги принудиле да се вратат во Појасот Газа.

Според податоците на палестинското Министерство за здравство, од почетокот на палестинските петочни протести на границата кон крајот на март минатата година, па досега, загинале над 240 Палестинци.

Протестите на Палестинците се организараат со барање за укинување на израелската блокада на Појасот Газа и за почитување на правото на палестинските бегалци да се вратат во своите домови на територијата на Израел.

Во Појасот Газа живеат околу два милиони лица, кои поради блокадата се соочуваат со недостиг на храна и вода за пиење и чести пркини на електричната енергија.