Палевски спиеше со пиштол во партијата

Нови детали од судскиот процес за свирепото убиство на Вања и Панче, сведочеа членови на Десна

445

Од сведочењето на сопартијците на првообвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, лидерот на Десна, Љупчо Палевски, јавноста дозна дека тој држел пиштол во партиското седиште каде што ги емитувал поткастите и преку ноќ преспивал. Имал лојално членство, кои за партијата донирале пари, опрема, плаќале сметки, ама и возило „рено кангу“ за кое обвинителството тврди дека е користено за грабнување и убиство. Палевски го користел Телеграм за комуницирање, а во партијата чувал и радиостаници за кои истрагата тврди дека биле користени за цело време од грабнувањата до свирепите убиства. Неговиот адвокат, пак, кој го возеше до Белград, Васко Стојков, откри дека неговиот клиент бил во долгови „до гуша“

Нови детали од деновите на потрагата на Вања и за партијата Десна, на Љупчо Палевски, слушна јавноста на продолжението од судскиот процес. Шесттемина лица сведочеа на предлог на обвинителството, а првообвинетиот за двојното убиство, познат во јавноста по прекарот Палчо, стануваше од обвинителното столче и ги прашуваше своите сопартијци, кои во Кривичниот суд дојдоа во својство на сведоци.

Пред нив, сведочеше прва братучетка на мајката на Вања, Маја Спировска. Рече дека од почетокот на потрагата таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, се однесувал како детето да било организирано грабнато. Заедно со пријателот Гоце Трајковски биле затворени во една соба и прегледувале снимки од безбедносни камери. Еден ден додека сведокот Спировска ја чувала помалата сестра на Вања, од собата излетал Гоце и соопштил дека на една од снимките го забележал „цитроенот“ на Панче Жежовски, кој во тој период се водеше како исчезнато лице, па Трајковски на глас заклучил дека можеби тој ја грабнал, можеби бил педофил. По ова тетката му наредила да не зборува такви работи пред помалото дете и да си замине. Роднината од страната на мајката пред судот потврди дека таткото пратил, па избришал порака од вибер групата на родителите од одделението на Вања, преку која порака понудил пари за откуп. Во една ситуација, Ѓорчевски на Маја ѝ се обратил со зборовите: „Прати порака на Елон Маск, да ја најде преку сателит”.

Сведочеа и сопствениците на возилото „рено кангу“, брачниот пар Рита Кириќ и Ѓорѓи Џолев. Тврдат дека возилото го дале на партијата „Десна“ како донација, бидејќи партијата „едвај врзувала крај со крај“, а возилото требало да го користат за преселба на партиското седиште од населбата Кисела Вода во новото, кај железничката станица. Џолев рече дека се зачленил во партијата откако ги следел поткастите на лидерот Палевски.

Вечерта кога полицијата го пронајде возилото пред партијата, Џолев бил повикан во станица. Кажа дека пред да влезе во полиција, на Телеграм се допишувал со Палевски, го информирал дека го викнале на полициски разговор, а овој му одговорил „Може ќе дојдам ако завршам работа со кичмата“.

На вкрстеното испрашување, Палевски го праша сведокот што го прашале полицајците во станица, на што Џолев одговори: „Ме прашаа дали како партија сме сакале да ја дестабилизираме земјата“.

Иако изостанаа прашања од страна на обвинителството за средби или разговори помеѓу обвинетите, сепак од прашаното јавноста дозна дека Велибор Манев и Влатко Кешишев имале, како што рече, „поданички однос” кон лидерот. Никогаш не му повишувале тон, за разлика од сведокот кој се расправал со Палевски и на теми од физиката на пример: како гори кислородот. Сведокот потврди дека во партиското седиште, во собата каде што Палевски ги правел поткастите, видел пиштол во футрола за кој претпоставува дека бил негов. Прашан дали го видел неговото „рено кангу“ на 22 ноември, денот кога беше ликвидиран Панче Жежовски, сведокот рече дека не го видел, но не е сигурен. Следниот сведок, исто сопартиец, Кирил Тренчовски придобиен од настапите на Палевски по социјалните мрежи, кажа дека во партијата видел две радиостаници воки-токи. Обвинителството тврди дека обвинетите за време на грабнувањата и убиствата комуницирала преку радиостаници. Во судницата сведочеше адвокатот на Палевски, Васко Стојков, кој го возеше до Белград ден пред полицијата да ги расветли убиствата. Кажа дека Палевски имал финансиски проблеми, а само тој досега му позајмил 20.000 евра. И хотелот во Белград, според сведокот, Палевски го платил со туѓи пари. Стојков рече дека пред него не комуницирал со доктори, а му најавил дека ако не го реши проблемот со кичмата, во Белград, ќе замине за Турција и да не го чекаат за Централниот комитет, кој требало да се одржи на 2 декември. Следниот разговор со Палевски, неговиот возач преку граница, сведокот Стојков го направил во полициска станица „Му реков:  Што е ова? Ти си веќе осуден во медиумите. Му кажав дека мора да се врати и да даде изјава. Тој ми одговори: знаев дека ќе ме наместат“, сведочеше Стојков. Разговорот бил прекинат по налог на инспекторите, кои побарале да им каже од кој број бил контактиран.

Судењето продолжува со доказна постапка. За убиството на 14-годишната Вања и велешанецот Панче обвинети се: Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Велибор Манев, Боре Видевски и таткото Александар Ѓорчевски, кој одговара за помагање при киднапирањето на ќерка си. (П.А.)