ОЈО „се изгоре“ на Груби и Ковачевски, „дува“ на Деспотовски и Мерко !?

113

Кривичниот суд Скопје му го одзема пасошот на екс директорот на Дирекцијата за технолошки-индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски поради сомневање за злоупотреба на функцијата. Деспотовски треба повремено да се јавува во Судот. Во друга истрага, пак, предводена од струшкото обвинителство, а поради сомнеж од бегство, одземен му е пасошот на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко. Против него е поднесено деветто обвинение, овој пат за предизвикување етничка нетрпеливост. Неговиот сопартиец од ДУИ, Артан Груби речиси половина месец е во бегство поради криминалите за кои се сомничи дека ги сторил во Лотарија

 

По неколкуте бегства од земјава на лица кои се гонат за криминал, Обвинителствата и Судовите во Македонија им ги одземаа пасошите на екс директорот на Дирекцијата за технолошки-индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски и на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, со цел да се спречат нови вакви сценарија.

Мерките на претпазливост за високиот функционер на СДСМ Јован Деспотовски се изречени на барање на Основното јавно обвинителство, кое отворило предмет за евентуална злоупотреба на службената положба додека бил директор во ТИРЗ. Од Основниот суд потврдија дека  осомничениот Деспотовски сам пристигнал во судот и се произнел  по однос на наводите од обвинителството, а судија на претходна постапка му одредила мерка одземање на патна исправа и повремено јавување во судот. Засега официјално е дека за Деспотовски има истрага во финансиската полиција, а тоа го потврди и обвинителството кое отворило предмет за евентуално злоупотреби на службената положба.

„Основното јавно обвинителство Скопје против наведеното лице води претходна постапка поради постоење на основано сомневање за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик. Надлежен јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за одземање на патна исправа и обврска за повремено јавување во Судот како мерки на претпазливост“, вели Обвинителстово.

Поранешниот директор на ТИРЗ во изјава за ТВ Алфа вели дека соработува со институциите и оти се ширеле дезинформации кои му го нарушувале угледот

,,Целта беше очигледно да се извалка моето име, што повторно ќе кажам нема да го дозволам. За останатите работи институциите си ја работат својата задача. Секогаш кога сум бил прозван и сега и претходно за моето работење, сум кажал дека за сите работи сум достапен и со задоволство би појаснил, меѓутоа тоа сепак да биде во некоја нормална постапка, без еве вакви ситуации коишто се случуваат сега. Сум бил повикан, не е тоа ништо спорно, но тоа е многу далеку од ова што се објави, затоа и ме чуди од каде е излезена баш сега предимензионирана информација, но не бил коментирал ништо за постапката, затоа што мислам дека навистина коректно си ги водат постапките институциите и не би сакал на нив да им се нафрла било што, па целава оваа ситуација очигледно е непрофесионализам“ – изјави Деспотовски.

Деспотовски поднесе оставка на директорската функција од ТИРЗ на 2 јули годинава. Претходно се кандидираше за лидер на СДСМ, но загуби од актуелниот партиски лидер Венко Филипче. Додека Деспотовски директоруваше со зоните, тогашната опозициска ВМРО ДПМНЕ го критикуваше за катастрофалните резултати со странските инвестиции како и за сомнежи во делењето на грантови на фирми блиски со функионери од тогаш владејачката СДСМ.

Деветто обвинение против градоначалникот на Струга

Во друг случај, обвинителството побара, а судот прифати да му се одземе пасошот на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко поради ново обвинение против него, деветто по ред, овој пат за поттикнување на етничка омраза со поставување на спомен плоча пред општинската зграда. Обвинителството утврдило дека плочата, испишана само на албански јазик, поврзана со италијанската окупација, предизвикала раздор меѓу жителите на Струга. Обвинението го товари Мерко за кривично дело според член 27 од Законот за меморијални споменици и споменобележја. На барање на обвинителството, судот му го одзеде пасошот, поради проценка за опасност од бегство. Дополнително, тој е обврзан еднаш неделно да се јавува во судот како дел од мерките на претпазливост.

„Во изминатиот период годинава, против обвинетиот се поднесени повеќе кривични пријави за различни дела, вклучувајќи злоупотреба на службена положба и несовесно работење во службата. Поради проценетата реална опасност од бегство, судот наложи одземање на неговите патни исправи“, соопштија од ОЈО Струга.

Коалицијата Вреди, која е дел од владата, остро реагираше на последното обвинение.

„Артан побегна, Перпарим се изгуби без било каква трага, а Мерко веќе си нема пасош. Додека ќелиите се подготвуваат да ги примат сите, ова е само почетокот на крајот на партијата која ја воведе корупцијата како системски проблем. Нивните бегства само докажуваат дека правдата е неизбежна!“, изјавија од Вреди. Од друга страна, лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, која е коалициски партнер на ДУИ, повика на почитување на правната процедура и истакна дека правдата треба да почне да се спроведува и во сопствените редови.

„И покрај обвиненијата, сметаме дека пресумпцијата на невиност е од суштинско значење. Власта мора да покаже капацитет за спроведување на правдата, почнувајќи од сопствените редови“, рече Села.

Градоначалникот Мерко кој беше висок партиски функционер во ДУИ, веќе се соочува со осум други постапки за злоупотреба на службена положба, несовесно работење и корупција. Во јуни 2023 година, САД го ставија Мерко на „црната листа, поради негова вклученост во значајна корупција. Американскиот Стејд департмент тогаш објави дека Мерко злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и јавни процеси, нарушувајќи ја довербата на македонската јавност во демократските институции. Црната листа беше пресудна Мерко да биде исклучен од партиските органи, а тоа сам го стори пак Артан Груби кој САД го допиша на црната листа пред околу месец дена поради постоење докази за забошотување на судски предмети и примање мито од Сашо Мијалков. Груби е недостапен на органите за прогон речиси половина месец бидејќи пред да биде приведен од полицијата за друг случај, за проневера во Дражавна Лотарија, тој побегна преку македонско-косовската граница. Министерот Тошковски изјави дека МВР ќе истажува дали неговото бегство е организирано и дали некој му дојавил за акцијата. (П.А)

 

ИЗДВОЕНИ