ОЈО отвора предмет за директорот на АНБ, по две анонимни пријави

Обвинителството отвори предистражна постапка за Бојан Христовски

545

Обвинителството отвори предистражна постапка за назначувањето на Бојан Христовски за прв човек на Агенцијата за национална безбедност, по наводите во јавноста дека сертификатот за положен испит за познавање англиски јазик е стекнат лажно, заради потребите да конкурира на функцијата. Од Основното јавно обвинителство – Скопје информираат дека до нив се доставени две анонимни кривични пријави, па ги споиле во една и ја распоредиле кај јавен обвинител, на постапување.

Предистрагата се однесува на сертификатот за англиски јазик ТОЕФЛ, кој Христовски го добил од бугарската школа „Јулија“, со седиште во градот Пловдив. Обвинителството и претходно има постапувано по слични предмети, за кои веќе има и изречени пресуди поради признавање вина.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на седницата за пратенички прашања рече дека постојат документи од „свиркачи“ кои потврдуваат дека првиот човек на тајната служба, Бојан Христовски, е незаконски поставен на функцијата. Презентираше документи од Агенцијата за вработување и од Фондот за здравствено осигурување, кои наводно посочуваат дека Христовски не го исполнува главниот услов за да биде директор на АНБ: нема 5 години стаж на раководна позиција.

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека Христовски нема пет, туку девет години работно искуство. Тој, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, рече дека националната безбедност не заслужува да биде тема во јавноста, а на опозицијата ѝ порача да не прави политика од овој случај.

Претходно, и Антикорупциската комисија отвори предмет за именувањето на Христовски. Тој навел во официјалната биографија дека на 26 март 2022 г. зел ТОЕФЛ-сертификат за англиски од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија.

Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, побара од претседателот на собраниската Комисија за следење на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање да закаже седница на која ќе го викне директорот на АНБ, Бојан Христовски, да одговори каде бил на денот на полагањето ТОЕФЛ-тест за англиски јазик во Пловдив.

ИЗДВОЕНИ