Очајниот Тотенхем бара спас во Малком

47

Најдобриот играч на Тотенхем, Хари Кејн ги повреди лигаментите на скочниот зглоб за време на првенствениот дуел против Манчестер Јунајтед, а лекарските прегледи покажаа дека напаѓачот ќе мора да паузира во следните два месеца.

Тоа значи дека капитенот на “петлите” ќе ги пропушти двата натпревара од 1/8 финалната рунда во Лигата на шампиони, против германскиот гигант Борусија од Дортмунд, но нема да биде во комбинација и за пресметките против градските ривали Арсенал и Челзи.

Освен без тие на Кејн, менаџерот Маурицио Покетино остана и без услугите на Хеунг-Мин Сон, кој е на Азискиот куп со репрезентацијата на Јужна Кореја. Кога е во прашање нападот, аргентинскиот стручњак може да смета само на Фернандо Љоренте и на отпишаниот Винсент Јансен.

Поради таквата ситуација, клупските челници ќе се обидат до крајот на зимскиот преоден рок да ги осигураат услугите на бразилскиот интернационалец од редовите на Барселона, Малком. Иако беше купен за 40 мил. евра, Малком има очајна минутажа во актуелната сезона, а потребната дозвола за промена на клупската средина, крилниот напаѓач ќе ја добие само доколку Тотенхем испрати официјална понуда за позајмица до крајот на актуелната сезона.