Изложбата „Сликам со тебе“ на Наташа Попоска-Карче, којашто ќе биде отворена утревечер (23 јули) во 20 часот, во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид, е компилација од дела што одликуваат четири базични емоции и тоа: среќа, љубов, тага и радост.
Преточени во боја, навидум реални, но истовремено и имагинарни композиции, секое од нив носи своја микро приказна од морето на животот и остава свој печат во вечноста. Се работи за делата „Неименливиот недостиг“, „Испловена приказна“ и „Почувствувај …. ЖИВОТ“ – сите масло на платно.
Д-р Наташа Попоска-Карче е родена во 1972 година во Охрид. По професија стоматолог, со сликање започнува активно да се занимава во 2013 година. Пејзажите, реални и имагинарни се нејзина особена пасија. Следејќи го сопствениот творечки порив за освојување нови внатрешни и интимни духовни хоризонти, создава дела со силна емотивна експресија. Зад себе има неколку самостојни и групни претставувања во С Македонија и во странство.