Охридско Езеро се полни, а Преспанско се празни

158

Водостојот на Охридското Езеро од ден за ден расте. Мерењата што ги направи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) покажуваат дека нивото на водата во Охридското Езеро е повисоко за еден сантиметар од претходниот ден, со што го достигна просечното ниво за февруари.

– Нивоата на двете останати природни езера во земјава се исти. Водостојот на Дојранско Езеро е за 2,89 метри повисок од просечниот, додека кај Преспанското Езеро е за 78 сантиметри понизок од вообичаениот. Водостоите на сите реки во земјава се пониски од просечните, со исклучок на Лепенец кај Скопје, каде што нивото е исто со просечното, и во најголем дел бележат мало намалување  – информираа од УХМР.

Во последните дваесет и повеќе години водостојот на Преспанското Езеро е најниско ниво. Во мај 2016 година водостојот беше намален за 1,10 метри, а таквиот тренд продолжи до првата половина на 2017 година. Во август 2018 година водостојот беше намален за 1,66 метри, а лани во октомври падна дури 2,5 метри под нормалниот водостој. Колку е тоа изгубена вода може да се илустрира со следниот факт. Доколку водостојот на Преспанско Езеро се намали за 96 сантиметри, тоа изразено во кубни метри значи како да се изгубени некаде околу две дојрански езера.

На нивото влијае и понирањето на водата од Преспанско во Охридско Езеро поради варовничкиот релјеф и различната надморска висина. Преспанското Езеро е на 853 метри надморска висина, Охридското на 695 метри.

Општина Ресен го вклучи алармот и за проблемот со наглото повлекување на водата од езерото, кое е прогласено за споменик на природата, ја информираа Владата од каде побараа помош. Владата Министерството за животна средина и просторно планирање да формира работна група од надлежни институции, стручните лица во најкус рок ќе извршат увид на состојбата со водостојот на Преспанското Езеро и ќе изработат извештај за причините за енормното повлекување на водата.

Градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, очекува да бидат предложени конкретни мерки и активности за спречување на понатамошното повлекување на водата од езерото.

Тој очекува во заедничките мерки и активности за заштита на Преспанското Езеро од повлекување на езерските води да се вклучат и свои анализи и видувања да понудат пограничните општини од соседна Грција и Албанија, а сè со цел да се стабилизира водостојот на Преспанско Езеро.