Во рамки на Оффест, утревечер (7 јуни) со почеток од 20 часот, во МКЦ Дансинг салата, ќе може да се слушне заедничкиот проект на либанскиот хип-хоп пионер Рејес Бек и визуелната уметница Ранда Мирза – „Love and Revenge“.
„Станува збор за музичка рефлексија на нивниот културен идентитет, со цел да им дадат втор живот на старите арапски популарни песни и филмови, прилагодувајќи ги на принципите на современата музичка продукција и модерната визуелна естетика. Материјалите за своите визуелни и аудио семплови ги наоѓаат во уметничките дела на таканаречената ‘златна ера’ на арапската култура, арапската музика и филмовите од 40-те и 50-те години на минатиот век“, стои во најавата за концертот.
Подоцна вечерта, од 22 часот, на истата локација, пак, ќе настапи колумбискиот бенд „Romperayo“. “Групата е дел од новата колумбиска музичка сцена, а звучат како брзодвижечко музичко патување низ колумбискиот тропски фолклор, модерна интерпретација на психоделичните звуци на популарната кумбија и другите тропски ритми од 70-тите. Фасцинантен музички огномет на електро-психоделична кумбија, кој не само што ги движи колковите и нозете, туку и го става вашиот ум во блажена состојба“, најавуваат организаторите.