Официјална Тирана: Ставот на европарламентарците е јасен, нема преодна влада

153

Портпаролката на албанската Влада и актуелен државен министер за односи со Парламентот, Елиса Спиропали оцени дека делегацијата на Европскиот парламент јасно кажала дека нема преодна влада.

Ставот на европарламентарците, според неа, значи отфрлање на тврдењата на опозицијата во врска со легитимноста на изборите и Парламентот.

– Парламентот и Владата се легитимни, избрани со гласање, а проблематиката на изборите тие не ја доведоа во прашање.Нивниот став беше јасен, нема преодна влада. Прислушувањата се надлежност на судовите, изјави Спиропали.

Таа се задржа и на реакциите на опозицијата околу ставот на европратеницте,споредувајќи ги нив со нападите кои му се правени на Западот во периодот на комунистичката диктатура.

– Според опозицијата, пријателите на Албанците се политички туристи со замаглени очи. Албанците не заслужуваат опозицијата да се однесува така со меѓународните претставници, како да е организација на Партијата на трудот на Албанија, во некое заборавено село, рече Спиропали.

Вториот човек во социјалистичката партија Таулант Бала истакна дека станува збор за повторено сценарио кое го содржи потписот на Сали Бериша.

Владејачкото мнозинство го повтори ставот искажан од социјалистичкиот лидер и актуелен премиер Еди Рама дека „раката за дијалог е подадена, со надеж дека другата страна ќе сфати дека и штети на земјата“.