Офицерскиот дом и хотелот што ги гради фирмата на Самсоненко, ќе бидат готови за седум месеци

295

Фасадата на едниот блок, односно на Офицерскиот дом, е речиси готова, а фасадата на другиот објект, деловниот простор со хотелски апартмани, според очекувањата, ќе биде готова до крајот на јануари наредната година. Од фирмата на Сергеј Самсоненко „СИС инвест груп“, која го гради објектот, велат дека е направен голем дел од комплексот.  – Треба да се доуредат делови од внатрешноста на Офицерскиот дом. Во рамките на деловниот објект каде што ќе има хотелски апартмани, од вториот до осмиот кат, ќе биде хотелот „Мериот Кортјард“ – објаснија од фирмата „СИС инвест груп“. Офицерскиот дом и хотелот се градат од 2011 година, што значи веќе 13 години. Според договорот за продажба на градежното земјиште, фирмата „СИС инвест груп“ требаше да го изгради објектот до 10 април 2022 година, што не е направено, поради што сè уште ѝ плаќа пенали на Општина Центар

 

За седум месеци ќе биде готов Офицерскиот дом, кој е дел од комплексот со хотел на плоштадот „Македонија“. Дека привршуваат работите, може да се види од состојбата на самиот објект. Фасадата на едниот блок, односно на Офицерскиот дом, е речиси готова, а фасадата на другиот објект, деловниот простор со хотелски апартмани, според очекувањата, ќе биде готова до крајот на јануари наредната година.

Од фирмата на Сергеј Самсоненко „СИС инвест груп“, која го гради објектот, велат дека е направен голем дел од комплексот.

– Се надеваме дека за седум месеци комплексот ќе биде готов, бидејќи фасада на Офицерскиот дом е речиси готова, а на деловниот објект со хотелски апартмани ќе биде готова до крајот на јануари наредната година. Треба да се доуредат делови од внатрешноста на Офицерскиот дом. Во рамките на деловниот објект каде што ќе има хотелски апартмани, од вториот до осмиот кат, ќе биде хотелот „Мериот Кортјард“ – објаснија од фирмата „СИС инвест груп“.

Офицерскиот дом и хотелот се градат од 2011 година, што значи 13 години. Фирмата на Сергеј Самсоненко, „СИС инвест груп“ ја презеде изградбата од 2015 година, откако таа година беше уапсен Кондоминас во Грција, поради затајување данок. Сергеј Самсоненко  ја купи фирмата на грчкиот бизнисмен за 600.000 евра и продолжи да го гради објектот под истите услови.

Градежните работи на двата објекта беа прекинати неколку години, а продолжија лани. Прекинот, како што информираа од фирмата на Самсоненко, бил поради опструкции. Најпрво, имало застој во градбата поради неосновано поведување стечајна постапка од фирмата „Кратер“, која траела две години и се запрело на 29 декември 2020 година. Откако бил решен тој проблем, причина за застојот во довршувањето на изградбата, според правниот тим на Самсоненко, биле постојаните опструкции од Општина Центар, кои биле технички и поради тоа не можело да се продолжи со градењето.

Според договорот за продажба на градежното земјиште, фирмата „СИС инвест груп“ требаше да го изгради објектот до 10 април 2022 година, што не е направено.

Од „СИС инвест груп“ велат дека поради надминување на роковите за изградба на двата објекта, сè уште ѝ плаќаат пенали на Општина Центар.

– Месечно, првата година плаќавме 1 % од цената на земјиштето што е купено, втората година 2 % и третата година 3 %, а по третата година, исто така 3 %, сè до конечната реализација – објаснуваат од „СИС инвест груп“.

Офицерски дом, односно објектот „Градска куќа“, ќе ѝ биде предаден на Владата, односно на Службата за општи и заеднички работи, која треба да го уреди со мебел и да го стави во функција. Офицерскиот дом треба да биде резиденцијален кабинет на градоначалникот на Скопје и во него да има простории за Матичната служба.

(А.П.)