Програмскиот пакет опфаќа мерки за намалување на емисијата на честички од домашните ложишта, како и од јавните објекти, од индустриските процеси и од возилата и насоки како да се управува со таквите емисии. Направена е и анализа на причинителите на аерозагадувањето, како и анализа на проектите за решавање на дел од проблемот во урбаните средини со степен на реализација, финансиска и временска рамка, надлежни институции…

–  Секој проект е дополнително разработен со план на активности, буџет, извори на финансирање, имплементација во соработка со надлежната институција. Дефинирани се индикаторите за следење на реализацијата на проектот, кои се  следени од надлежните институции и за тоа известуваат до Владата – вели министерот за животна средина, Изет Меџити 

 

Високите концентрации на суспендирани честички претставуваат сериозен ризик за здравјето на населението. Поради тоа, со меѓуинституционална соработка на транспарентен начин и со несебична посветеност, треба итно да се спроведат мерки за намалување на емисиите од доминантните извори на загадување на воздухот и за подобрување на квалитетот на воздухот.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, вчера, во Владата, ја презентираше Планската програма за почист воздух 2024-2030, која ги дава идните чекори во борбата против загадувањето на воздухот. Тој напомена дека во програмскиот пакет се опфатени главните области што влијаат на квалитетот на воздухот, а тоа се: енергетиката, индустријата, транспортот, земјоделството, шумарството итн.

– Оттука, поврзаноста меѓу енергетиката и квалитетот на воздухот е недвосмислена. Од една страна, употребата на фосилни горива директно влијае на емисиите на стакленички гасови во атмосферата, а, од друга страна,со примената на обновливите извори на енергија и со енергетската ефикасност директно се влијае врз намалувањето на емисиите на овие гасови и за почиста животна средина. Затоа енергетската политика и политиката за здрава животна средина треба заеднички да придонесуваат кон реализација на целта за намалување на загадувањето на воздухот, се разбира на начин што ќе овозможи сигурност во снабдувањето со енергија – истакна Меџити.

Програмскиот пакет опфаќа мерки за намалување на емисијата на честички од домашните ложишта, како и од јавните објекти, од индустриските процеси и од возилата и насоки како да се управува со таквите емисии. Направена е и анализа на причинителите на аерозагадувањето, како и анализа на проектите за решавање на дел од проблемот во урбаните средини со степен на реализација, финансиска и временска рамка, надлежни институции.

– Секој проект е дополнително разработен со план на активности, буџет, извори на финансирање, имплементација во соработка со надлежната институција. Дефинирани се индикаторите за следење на реализацијата на проектот, кои се следени од надлежните институции и за тоа известуваат до Владата – вели Меџити. 

Тој нагласи дека за имплементација на активностите предвидени во програмскиот пакет, одговорни се на релевантните институции на централно ниво и единиците на локалната самоуправа.

Покрај националните програми и планови, министерот Меџити предлага да се изготват и планови за подобрување на квалитетот на воздухот на локално ниво, во општините каде што е забележано надминување на граничните вредности на загадувачките супстанции. Овие планови ги содржат практичните активности што треба да се преземат со цел да се подобри квалитетот на воздухот на локално ниво.

– Досега се донесени планови за агломерација за Скопскиот Регион и за градовите Тетово, Битола Струмица, Куманово,Кавадарци, Гостивар, Прилеп, Велес и Охрид. Изработени се локалните планови за општините Кичево, Кочани Струга, Штип и Гевгелија, но треба да се усвојат од страна на советите на општините. Во тек е изработка на планови за квалитетот на воздухот за Струмица и ажурирање на плановите за Куманово, Кавадарци, Гостивар и за Струга, во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, имплементиран од УНДП – истакна Меџити.

Најлоша е состојбата со аерозагадувањето во Скопје  

Во нашата земја, загадувањето на воздухот е причина за сериозна загриженост, бидејќи граничните вредности поставени за заштита на здравјето на луѓето од цврстите честички значително ги надминуваат граничните вредности. Најлоша е состојбата во најголемите урбани населби, особено во Скопје.

– Идентификувани се неколку извори и причини за сериозните проблеми со квалитетот на воздухот, иако тие може да варираат во и меѓу градовите. Имајќи предвид дека најголемиот дел од домаќинствата во земјава сè уште користат дрва како примарен извор на греење, тоа во зимскиот период предизвикува сериозни проблеми со квалитетот на воздухот, особено во густо населените станбени места – вели министерот за животна средина, Изет Меџити.

Сообраќајот на патиштата е, исто така, извор на загадување на воздухот во урбаните локации, поради големиот обем на сообраќај и делумно поради стариот и лошо одржуван возен парк и недостигот на современ јавен превоз.

– Производството на енергија и индустријата имаат локално влијание врз квалитетот на воздухот, особено во околината на индустриски инсталации на кои им недостигаат современи системи за намалување на емисиите. Дополнително, развојот на густо изградените урбани средини со намалување на зелените зони во градовите има директно влијание врз формирањето на загадувањето – истакна Меџити.

(С.Бл.)