По големата офанзива, израелските сили се повлекоа од огромниот болнички комплекс Ал Шифа во Газа. Според палестинските лекари и официјални лица, останува само смрт во оваа, најголемата болница во Појасот Газа. Откриени се масовни гробници, а израелската армија негира дека има цивилни жртви.
Во текот на изминатите осум месеци од војната, болниците беа изложени на повеќекратни напади. Додека Израел тврди дека Хамас ги користи како бази, пипалата на милитантната група го негираат тоа. Сепак, нападите што се случија во Ал Шифа, некогаш најголемата и најдобро опремена медицинска установа во Појасот Газа, беа најтешки и најдраматични.
Ненадејниот напад, кој траеше две недели, беше извршен откако Израел соопшти дека Хамас се прегрупирал во областа. Портпаролот на Израел, Ави Хајман, рече дека израелската војска поставила „златен стандард за урбана војна“, велејќи дека елиминирале над 200 и уапсиле околу 900 терористи без ниту една цивилна жртва.
Сепак, откривањето на телата во распаѓање кои штрчат од урнатините во дворот на Ал Шифа, фрли сомнеж врз тврдењето на Израел дека нема цивилни жртви. Четири масовни гробници се откриени на местото во последните недели, а палестинските спасувачки тимови велат дека се извлечени неколку стотици тела.
„Ги извлековме телата на тие сиромашни луѓе, многу од нив распаднати и целосно непрепознатливи“, рече палестинскиот работник за цивилна одбрана Рами Дабабеш додека стоеше покрај бели пластични кеси во Ал Шифа.
Цивилната одбрана нема форензичка опрема и експертиза, но нејзините тимови користат фотографии и видеа за да ги документираат останките. Директорот, д-р Мохамед Мугир, рече дека има сомнителни наоди, опишувајќи како некои од телата покажуваат знаци на егзекуција на терен, знаци на врзување, прострелни рани во главата и знаци на тортура на екстремитетите.
Советот за безбедност на ОН изрази длабока загриженост поради откривањето на масовните гробници во болниците Ал Шифа и Насер во јужниот дел на Газа. Обединетите нации, заедно со САД и Европската унија, повикаа на независна истрага за можни воени злосторства. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека за време на нивните рации на болниците во Газа, нивните војници ексхумирале тела претходно закопани од Палестинци како дел од потрагата по останките на околу 250 заложници заробени за време на смртоносните напади на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Некои од телата кои неодамна беа пронајдени во Ал Шифа беа оние на пациенти кои починаа за време на израелскиот напад. Болничар кој учествуваше во потрагата рече дека некои сè уште имаат прикачени интравенски катетри.
На 15 април, новинарите на Би-Би-Си сретнаа двајца мажи чии мајки последен пат беа видени на лекување во болница. А нивните тела штотуку се извлечени од масовна гробница.
„Трчав овде кога ми кажаа за гробот“, рече Мохамед ал-Катиб, кој со денови ја бараше својата мајка Каула.
Валид Фтеима рече дека неговата мајка, Лина Абу Лејла, се лекувала од неухранетост и тешка дехидрација кога умрела. Нејзиното тело било распаднато, а тој можел да ја идентификува само по повредите што ги добила од израелското бомбардирање минатата година.
„Таа и беа ампутирани прстите на секоја нога“, објасни тој.
На 18 март, израелската армија им нареди на илјадниците цивили кои се засолниле во болницата, како и на оние што живеат во близина, да ја напуштат областа и да се упатат кон југ. Сепак, беше кажано дека болницата може да продолжи со работа, а по две недели, наводно, во болницата останале околу 140 пациенти и медицински лица.
Неколкуте преживеани пациенти кои беа ранети во претходните израелски напади рекоа дека примиле само мали количини храна, како конзервирана туна, и дека има голем недостиг на вода за пиење и лекови.
„Бомбардирањето траеше 24 часа на ден. Јас самиот сум болен и не можам да се движам. Спиев на подот“, рекол Мохамед ал Надим, кој е полупарализиран, пренесува BBC.
Додека Хамас негираше дека користел Ал Шифа како база, неговите официјални лица не го негираа присуството на некои членови во комплексот, што укажува дека тие можеби биле меѓу раселените лица кои се засолниле таму. Меѓу уапсените кои се идентификувани е и Фаик ал-Мабхух, кој е опишан како шеф на операциите на службата за внатрешна безбедност на Хамас. Канцеларијата за медиуми на владата на Хамас соопшти дека тој бил полициски командант кој ја координирал испораката на помош во северниот дел на Газа.
И покрај израелските тврдења дека нема цивилни жртви во нападот, новинарите добија сведоштво дека имало палестински цивили убиени за време на израелското бомбардирање.